Србија почна да го намалува своето воено присуство долж границата со Косово, што е позитивен чекор кон намалување на регионалните тензии, соопшти администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден.
„Со оглед дека јавно соопштивме дека видовме српски сили на границата, исто така видовме дека почнаа да се оддалечуваат и тоа е добра работа. Тоа ќе помогне во деескалација на тензиите. Нема да ги елиминира но ќе помогне во нивна деескалација“, рече гласноговорникот на американскиот Совет за национална безбедност Џон Кирби.
Кирби минатата недела изрази загриженост на Вашингтон поради, како што рече, „големото распоредување на српските трупи долж границата со Косово“, повикувајќи го Белград да ги повлече своите сили.
Кирби рече дека САД го следат „големото воено распоредување на Србија долж границата со Косово“, кое се случуваше во текот на минатата недела, вклучувајќи трупање на напредна артилерија, тенкови и механизирани пешадиски единици.
Тој додаде дека САД работи со НАТО на решавање на прашањата на распоредување, додека меѓународните мировни сили под водство на НАТО ќе го зголемат своето присуство на северот на Косово. Стејт Департментот исто така соопшти дека повлекувањето почнало на 29 септември. „Очекуваме Србија да продолжи со чекорите на деескалација вклучувајќи и понатамошно повлекување на силите до или под историските норми“, рече гласноговорникот на Стејт Департментот Ведант Пател.
Во нападот на група Срби предводена од потпретседателот на „Српска листа“ Милан Радоичиќ на 24 септември, убиен е косовски полицаец, за да потоа Полицијата на Косово во, како што наведоа „антитерориситчка акција“, елиминира четворица напаѓачи и уапси шест лица. Останатите, како и Радоичиќ, побегнале во Србија.
Радоичиќ денес е сослушан во Вишото јавно обвинителство во Белград, поради сомнеж дека со повеќе непознати лица, извршил кривични дела: здружување заради вршење кривични дела, недозволено производство, држење, носење и промет на огнено оружје и експлозивни материи и тешки дела против општа безбедност.