Петровска истакна дека Армијата ќе продолжи да се развива и модернизира, ќе продолжат процесите на опремување и инвестирање во човечки капитал / Photo: Министерство за одбрана на РСМ

Во Скопје денеска се одржа централната свеченост за одбележување на четиригодишнината од членството на Северна Македонија во НАТО-алијансата.

На одбележувањето присуствуваа претставници од Владата, Собранието, Кабинетот на претседателот, највисоки претставници на Армијата и дипломатскиот кор.

На централната свеченост се обратија вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, министерката за одбрана Славјанка Петровска и директорот на Генералштабот на Армијата, бригаден генерал Симеон Трајковски.

Во своето обраќање министерката Петровска истакна дека е горда што пред четири години е остварена една од стратегиските цели на земјата, додавајќи дека членството во НАТО добило во значење со руската инвазија врз Украина.

„На овој ден, во 2020 година, Република Северна Македонија покажа каде припаѓа, кои се нашите заеднички вредности и кое е нашето место како земја што отсекогаш се залагала за мир, за демократија, за безбедност и стабилност”, рече Петровска.

Таа додаде дека македонската Армија е дел од мултинационалните сили на НАТО во мисиите во повеќе земји.

Петровска истакна дека Армијата ќе продолжи да се развива и модернизира, ќе продолжат процесите на опремување и инвестирање во човечки капитал.

По завршувањето на говорите, армиската Гарда ја изведе показната точка „Егзерцир“, а исто така се промовираа две поштенски марки изработени по повод 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО и 75-годишнината од основањето на Алијансата.

TRT Balkan / агенции
Популарни