Северна Македонија ја одбележа третата годишнина од членството во НАТО / Photo: Влада на Северна Македонија

Во касарната „Илинден“ во Скопје се одржа централната свеченост за одбележување на третата годишнина од членството на Северна Македонија во НАТО – Алијансата.

На одбележувањето присуствуваше државниот врв на Република Северна Македонија, членови на Владата и на Собранието, највисоки претставници на Армијата, дипломатскиот кор во земјата и многубројни други претставници и делегации од земјата и странство.

На свеченоста се обратија претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, Васко Ѓурчиновски.

Северна Македонија ја одбележа третата годишнина од членството во НАТО Влада на Северна Македонија

Во своето обраќање премиерот Ковачевски истакна дека е горд што е остварена една од стратегиските цели на земјата, потенцирајќи го значењето на НАТО за Северна Македонија, но и за регионалното и глобалното значење на Алијансата.

„Да се биде НАТО, значи да се одлучува заедно со најразвиените земји во светот, да се носат одлуки за светската безбедност заедно со најмоќните. Да се чува нашиот и светскиот мир како дел од воено супериорна, политички силна и релевантна и економски доминантна организација. Мир и развој за без малку една милијарда луѓе што живеат во заеднички демократски вредности“, рече Ковачевски.

Министерката Петровска во своето обраќање посочи дека членството во НАТО била стратегиска цел на земјата од нејзиното осамостојување.

„Денес гордо велиме дека 'Ние сме НАТО' затоа што знаевме да бидеме храбри, знаевме да донесеме вистински одлуки, кои навистина беа донесени во вистинско време“, рече Петровска.

Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, Васко Ѓурчиновски, во своето обраќање рече дека со исполнувањето на сите задачи во воениот дел Армијата покажала дека е сигурен и одговорен партнер, кој стандардите ги остварила многу порано од полноправното членство во НАТО.

„Со континуирана одлучност, тридецениска напорна работа и посветеност успеавме да ја оствариме и најбрзата воена интеграција во НАТО, цел што ја постигнавме за 19 месеци од нашето полноправно членство“, рече Ѓурчиновски.

По завршувањето на говорите, следуваа показни вежби на припадниците на Армијата, вклучително и прелет на сојузнички воздухоплови во рамките на мисијата „Air Policing“.

TRT Balkan / агенции
Популарни