Северна Македонија: До недела високи температури од портокалова фаза     Фото: АА (Архива)

Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека во согласност со добиените информации од метеоалармот на Управата за хидрометеоролошки работи, од денеска до 24 јули, недела, територијата на целата држава ќе биде зафатена со високи температури од портокалова фаза.

Според соопштението на ова министерство, почнувајќи од денеска, сите региони во државата - Скопскиот, Осоговско-малешевскиот, Пелагонискиот и Охридско-преспанскиот ќе влезат во портокалова фаза, со што состојбата на топлотен бран почнува да важи на целата територија на државата.

Во овој период ќе важат препораките за намалување на ризиците од високи температури, во согласност со Акцискиот план на Министерство за здравство за превенција на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението.

Препораки за намалување на ризиците од високите температури

Со цел заштита на здравјето на населението, Министерството за здравство ги даде следните препораки:

„Ослободување од работните обврски на најранливите групи население, како што се - бремените жени и хронично болните лица. Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да укажат помош на постари, изнемоштени лица и бездомници.

Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик врз здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.“

Како што се наведува во соопштението, поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на свеж зеленчук и овошје пред нивната употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу краток рок по подготовката, како и избегнување термички необработени производи.

Од друга страна, Министерството за труд и социјална политика на Северна Македонија ги повика работодавачите, негувателите и воспитувачите во градинките, вработените во центрите за социјална работа, во Црвениот крст да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство за заштита на здравјето и превенирање на последиците од топлотните бранови кои следуваат. Министерството за труд и социјална политика апелира на зголемени контроли од страна на надлежниот Државен инспекторат за труд.

AA
Популарни