Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска одржа прес конференција на која информираше дека Република Северна Македонија ја коспонзорираше Резолуцијата на ОН насловена „Меѓународен ден за рефлексија и комеморација на геноцидот во Сребреница во 1995“ а во која една од главните точки е воспоставување на ден за одбележување на геноцидот во Сребреница, на 11 јули секоја година.
Резолуцијата е на предлог на БиХ
Резолуцијата е на предлог на Босна и Херцеговина, коспонзорирана иницијално од САД и Германија. Истата пред Генералното собрание на Обединетите Нации ќе биде претставена на 17 април 2024 година, а ќе се гласа на 2 мај 2024 година.
Министерот Османи од сите земји членки на ОН побара поддршка за резолуцијата, наведувајќи дека Резолуцијата треба да биде усвоена на 2 мај 2024 година: „Повикувајќи се на повелбата на ОН, Универзалната Декларација за човекови права, Конвенцијата за превенција и казнување на злосторства од геноцид , потсетувајќи ги државите на одговорност да ги заштита цивилите, и да ги почитуваат, заштитат и обезбедат човековите права во своја територија, повикувајќи се на Одлуката на Советот за безбедност бр. 819 од 16 април 1993 година, со која Сребреница се прогласува за безбедна зона, Резолуцијата 827 од 25 мај 1993 година, во врска со воспоставување на меѓународен трибунал за злосторства во поранешна Југославија, повикувајќи се на одлуките на трибуналот, осмите пресуди за виновни за злосторства против босанските муслимани, одлуката од 19 април 2004 година, обвинител против Крстиќ, 8 јуни 2021 обвинител против Младиќ, 20 март 2019 обвинител против Караџиќ и одлуката на Меѓународниот суд за правда на 26 февруари 2007 година за одредување на злосторството на Сребреница како геноцид, во пресрет на 30 годишнината од геноцидот, кој се одбележува во 2025 година, каде што најмалку 8.372 животи беа изгубени и толку семејства уништени“.
Што содржи Резолуцијата? Османи потенцираше дека оваа Резолуција повикува сите земји членки на ОН да го осудат геноцидот без резерва, да ги чуваат фактите и да ги шират преку образовниот систем развивајќи посебни програми за сеќавање, ревизија и спречување на повторување на истото; повикува на осуда на било какво одрекување дека се случил геноцид во Сребреница; казнување на сите лица кои ги глорифицираат лицата осудени за воени злосторства; завршување на процесот на наоѓање и идентификување на останатите жртви од геноцидот; сите земји целосно да се придржуваат кон обврските согласно Конвенцијата за превенција и казнување на кривичното дело геноцид, го повикува Генералниот секретар на ОН да воспостави програма на ОН за геноцидот во Сребреница, со започнување на активности по повод одбележување на 30 години од геноцидот, а за резолуцијата да бидат запознаени сите земји членки, организации во системот на ОН и граѓанското општество, академија и други да го почитуваат Меѓународниот ден, како и посебни активности во чест на жртвите од геноцидот во Сребреница од 1995.
Според соопштението на македонското МНР, до сега Резолуцијата ја имаат подржано над 17 земји меѓу кои Словенија, Италија, Лихтенштајн, Ирска, Финска, Холандија, Албанија, Туркије, Јордан, Малезија, Чиле, Нов Зеланд и други.
Геноцидот во Сребреница
Во јули 1995 година единиците на тогашната Војска на Република Српска под команда на хашкиот осуденик Ратко Младиќ извршија геноцид врз Бошњаците во Сребреница.
Во геноцидот се убиени 8.372 лица, а десетици илјади жени, деца и стари лица беа депортирани или беа принудени да побараат спас во околните шуми, барајќи го патот кон слободната територија.
Во 2007 година, Меѓународниот суд на правдата во Хаг донесе пресуда дека во Сребреница е извршен геноцид.