Северна Македонија прифатена во Киберцентарот за одбрана на НАТО     Фото: МНР на Северна Македонија

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, во рамки на официјалната посета на Естонија, го посети Центарот за кооперативна киберодбрана на НАТО (NATO Cooperative Cyber Defence Centre of Excellence - NATO CCDCOE) со седиште во Талин, Естонија.

Според соопштението на МНР на Северна Македонија, на средбата со директорот на Центарот, Март Норма, Османи потенцирал дека кибербезбедноста е високо на агендата на Владата на Северна Македонија, која презема низа активности за јакнење на националните капацитети за справување со овој тип предизвици, базирани на националните Стратегии за кибербезбедност и хибридни закани.

Османи информира дека Владата континуирано соработува со сите засегнати страни - приватната индустрија, истражувачката и академската заедница и граѓанското општество за подобрување на превенцијата, одговорот и закрепнувањето од нападите на критичната инфраструктура, кои, според него, со почетокот на војната во Украина станаа позачестени и поинтензивни.

„На денешната средба, Северна Македонија како членка на НАТО и дел од регионот на Западен Балкан кој е изложен на киберзакани, беше прифатена во Центарот за извонредност за киберодбрана на НАТО и е во процес за полноправно членство“, се вели во соопштението.

Се истакнува дека во рамките на процесот, Северна Македонија ќе може да ги користи алатките на Центарот за да ја засилува сопствената отпорност од хибридни напади и да ја зајакнува заштитата на критичката инфраструктура.

Центарот за кооперативна киберодбрана на НАТО е основан во 2008 година и има статус на меѓународна воена организација. Неговата мисија е поддршка на земјите членки на НАТО со единствена интердисциплинарна експертиза во областа на истражувањата, обуките и вежбите за киберодбрана.

TRT Balkan / агенции
Популарни