Претседателот на Големото национално собрание на Република Туркије, Мустафа Шентоп, рече дека главната перспектива на Туркије, која со години ги разгледува меѓународните прашања, е хуманитарна перспектива, перспектива заснована на луѓето.
Шентоп ова го истакна во рамките на обраќањето на програмата организирана од Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) по повод 21 Декември - Денот на наставата на турски јазик, која е дел од неговите средби во Скопје, каде престојува во дводневна официјална посета.
Шентоп потсети дека Денот на наставата на турски јазик, се слави како празник на турската заедница во Северна Македонија од 2007 година.
Потсетувајќи дека Сојузот на турски невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), веќе 15 години, од 2007 година, со различни активности го слави овој празник, Шентоп рече дека Туркије, како во минатото, така и денес, секогаш со високи државни претставници е тука на 21 декември.
„Северна Македонија е мултикултурна држава пример за многу други во светот“
Шентоп истакна дека Северна Македонија е повеќејазична, мултикултурна држава во која луѓето од различни вери живеат заедно во мир и може да биде пример за многу земји во светот.
„Од тој аспект, тоа е многу важно. Балканот е многу важен центар од аспект на населување во светот од многу стари времиња и како место на различни цивилизации. На овие простори, на ист начин, луѓе од различни јазични групи, различни вери, различни култури живееле заедно стотици години. Доаѓајќи од различна култура, тука изградивме заедничка култура, заедничка цивилизација. Еден од најважните елементи на тоа се тукашната турска заедница и турскиот јазик“, рече Шентоп.
„ИБУ е важен показатен за билатералните односи на Туркије и Северна Македонија“
Шентоп истакна дека ИБУ е многу важен како показател на точката до која стигнале билатералните односи меѓу Туркије и Северна Македонија и додаде дека тоа е најважната инвестиција што Туркије како комуникациски мост ја изградила кон оваа пријателска и братска земја.
Наведувајќи дека има бизнисмени и жени од Туркије што инвестираат во Северна Македонија, Шентоп рече дека инвестицијата што ќе остане и во иднина е овој универзитет и додаде: „Под водство и секогаш под покровителство на нашиот претседател [Реџеп Таип Ердоган], бидејќи секогаш кога ќе се појавеше некаков проблем, финансиски или духовен, нашиот претседател се мобилизираше за негово решавање, мобилизирајќи и многу кругови и луѓе. Овој универзитет во суштина е негова идеја и дело.“
Осврт на руско-украинска војна
Во својот говор Шентоп се осврна на одредени важни актуелни прашања, меѓу кои и за војната во Украина, кризата со житото, како и енеретската криза.
„Видете, се води војна во географија многу блиску до нас. Војната меѓу Русија и Украина. Има различни причини. Русите имаат објаснувања за тоа, Украинците имаат свои објаснувања, разни европски земји имаат објаснувања за тоа ‘зошто се случи ова, како треба да биде’. Имаат и САД, имаат објаснувања и други земји. Додека објаснуваме, она што го нарекуваме перспектива е многу важно. Вашето гледиште, како при фотографирање, но за да го сторите тоа, треба да застанете. Тогаш оттаму гледате кон некое место во движење. Тука пак е важно што е ваш приоритет, какво е вашето гледиште на настаните. Како Туркије, нашата главна перспектива кога ги разгледуваме меѓународните прашања со години, вклучително и овој настан, е хуманитарната перспектива, перспективата заснована на луѓе. Тоа го покажавме и по започнувањето на војната и пред таа да почне“, нагласи Шентоп.
„Една од најфундаменталните кризи во светот неодамна беше кризата со жито. Тука не се работи само за недостиг на жито, несомнено има земји кои го доживуваат тоа, туку во исто време, имавме раст на цените поради влошувањето на пазарите за жито. Тука, благодарение на нашиот почитуван претседател, на сцена дојде Туркије, земја која може да преговара со Русија и Украина и која го направи оперативен коридорот за жито со постигнатиот договор што го нарекуваме Истанбулска конвенција“, нагласи Шентоп.
Тој потсети дека слична криза има и на полето на енергетиката.
„Тука не се работи само за ‘ако продолжи војната, Русија ќе се истроши, или ако не продолжи, ќе биде вака’. Луѓе загинаа и гинат, има луѓе што се смрзнаа во овие зимски услови поради уништување на далноводите, а има проблеми со задоволувањето на дневните потреби од храна на луѓето. Во исто време, имаме и големи миграции, како во блиската географија, така и подалеку, на пример Блискиот Исток, Авганистан“, рече Шентоп додаваји дека постојат проблеми во поголем дел од светот.
„Има зголемување на информациите во светот, глобализација, глобализација на информациите. Но, кога станува збор за глобализацијата, од нашата материјалистичко-капиталистичка гледна точка глобализацијата се доживува само како слободен промет на пари и слободно движење на стоки. Но, сè отиде во слободен промет. Вирусот, на пример, исто така е во слободно движење. Вирусот кој започна во Кина за многу кратко време почна да циркулира низ целиот свет, со сите негови мутации. Тоа е, исто така, глобално, болестите се, исто така, глобални, тоа мора да го разбереме. Но и здравјето треба да биде глобално. Знаете, во овој поглед, во однос на проблемите што ги доживуваме со вакцината, некои земји направија повеќе залихи отколку што им требаат, без да ги земат предвид другите земји. Но не е доволно само да ги вакцинирате сопствените граѓани. Затоа што доаѓа вирус или мутиран вирус од друга земја и ја погодува вашата земја, вашите граѓани.“
На програмата што се одржа во кампусот на ИБУ во Скопје, освен претседателот на ТБММ, Мустафа Шентоп и придружната делегација, присуствуваа и поранешниот претседател на Северна Македонија, Ѓорге Иванов, амбасадорот на Туркије во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, поранешниот претседател на Уставниот суд на Северна Македонија, Салих Мурат, пратеници, претставници на турски институции и организации во земјата, професори, студенти и други гости.
Различни активности по повод Денот на наставата на турски јазик
Како дел од активностите за одбележвуање на Денот на наставата на турски јазик во Северна Македонија, во Скопје беше организирана пригодна програма од страна на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и Сојузот на турски невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ).
На настанот, покрај Шентоп, присуствуваа и претседателот на парламентот на Северна Македонија Талат Џафери, министри и пратеници на Северна Македонија, претставници на Уставниот суд на Северна Македонија, амбасадорот на Туркије во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, претседателот на ТИКА Серкан Кајалар, претставници на турските институции и организации во земјата, политичари и други гости.
Шентоп во својот говор во свое име и во име на турските граѓани и на претседателот Реџеп Таип Ердоган, на Турците во Северна Македонија им го честиташе празникот 21 Декември - Денот на наставата на турски јазик.
„Срцето на секој турски граѓанин, особено на нашиот претседател, чука со овие територии, со вас“, рече Шентоп.
„Како Туркије придаваме особено значење на зајакнувањето на турското образование во Северна Македонија. Верувам дека одржувањето на турскиот јазик во Северна Македонија ќе послужи за зајакнување на единството и мирот на овие простори, за одржување на културното богатство на земјата и ќе послужи за издигање на моќта на оваа истакната земја на многу повисоко ниво“, истакна Шентоп.
Главната програма по повод Денот на образование на турски јазик во Скопје се одржаа во присуство на претседателот на ТБММ, Шентоп, придружуван со делегација, премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски, министри и пратеници во Владата, амбасадорот на Туркије во Скопје Хасан Мехмет Секизќок, претседателот на ТИКА Серкан Кајалар, претседателот на МАТУСИТЕБ, Тахсин Ибрахим, претставници на институции и организации во земјата, како и околу 10.000 гости.
Шентоп на присутните им ги пренесе најсрдечните поздарави и честитки на претседателот на Туркије Реџеп Таип Ердоган по подов 21 Декември - Денот на наставата на турски јазик.
Шентоп упати благодарност до премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, за неговото учество во, како што рече, овој значаен ден на турската заедница.
„Би сакал да ѝ честитам на државата Северна Македонија што даде многу добар и исклучителен пример, на различни нации да им обезбеди образование на мајчин јазик“, рече Шентоп.
Во своето обраќање, меѓу другото, Шентоп истакна дека употребата на турскиот јазик како јазик во образованието во Северна Македонија го смета за исклучително значајно и додаде дека „со благодарност ги следи своите браќа во Северна Македонија во нивните напори да го одржат турскиот јазик во живот.“
По обраќањето на говорниците, на сцената настапи турската музичка ѕвезда Бурај со своите популарни песни.