„Заедничката иднина без граници е клучна за Западен Балкан“, истакна германскиот канцелар Олаф Шолц во обраќањето при денешното отворање на Самитот Берлински Процес во Германија. Шолц рече дека измината година разговарал со повеќе претседатели на држави и влади од регионот, особено за стабилноста на регионот бидејќи таа не може да се набљудува одвоено од стабилноста на Европа.
Трите договори кои денеска ќе ги потпишат лидерите од Западен Балкан, за патување со лични карти, признавање на дипломите и стручните квалификации, според германскиот канцелар ќе придонесат за создавање на заеднички регионален пазар кој е важен за економијата и инвестициите.
„Ви честитам, бидејќи по две години преговори ги прифативте овие договори кои ве приближуваат до стандардите на ЕУ, а сите сакаат соработка со ЕУ. Овој процес покажува резултати, изградени се патишта и пруги, олеснет е контактот меѓу земјите од регионот и сакаме да ја прошириме таа соработка”, рече Шолц.
Канцелартот потсети дека повеќе од 800 студенти благодарение на договорот во рамки на Берлинскиот процес учествувале во програмата за размена.
„Тоа е иднината на Западен Балкан. Интегрирана иднина без граници, тоа е важно за младите и регионот севкупно”, рече Шолц.
Тој истакна дека важна тема на Самитот ќе биде и енергетиката и рече дека е задоволен што сите земји од Западен Балкан преку енергетската заедница се обврзале на соработка со Унијата која е подготвена да ги поддржи.
Пред почетокот на Самитот вчера се одржаа состаноци на министрите за надворешни и за внатрешни работи на државите кои се дел од Берлинскиот процес. Министрите разговарале за борбата против корупцијата и организираниот криминал, теми за кои според Шолц решението е во соработката со ЕУ. Регионалните прашања според германскиот канцелар треба итно да се решат поради заканите по безбедноста и слободата предизвикани од руската агресија.