Со изјава на македонски јазик која ја прочита премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска беше отворена првата меѓувладина конференција на Северна Македонија и Европската Унија. Меѓувладината конференција како состанокот на официјалните претставници на ЕУ и земјата кандидат за членство (министри, амбасадори, премиери), во процесот на прием на останатите држави кои сега се дел од Унијата, значела почеток на процесот кој, по скринингот, треба да финишира со отворање на поглавјата. Во случајот на Северна Македонија тоа нема да биде така.
Меѓувладина конференција од два дела
Она што денеска отпочна ќе биде само прв, политички дел од меѓувладината конференција на Северна Македонија и ЕУ. Вториот дел од меѓувладината конференција со формалното отворање на поглавјата од преговорите, според потпишаниот протокол, ќе се случи по внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав.
Што е скрининг?
Според македонската Влада, по денешниот дел од меѓувладината конференција, веднаш започнува и скринингот. Но што подразбира тој процес? Колку македонските граѓани навистина знаат што ќе се случува во периодот кој следи?
„Од моментот на отворање на првата меѓувладина конференција почнуваме да ги броиме деновите до членството. Експерти од ЕУ почнуваат да влегуваат во нашите институции, да го вршат скринингот”, рече македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи на брифингот со новинарите во МНР по потпишувањето на Протоколот со Бугарија.
Всушност скринингот значи проверка од страна на институциите на ЕУ за тоа колку македонските институции се подготвени да го имплементираат европското законодавство? Колкав дел од европската регулатива е на сила во државата, како се имплементира, каде постојат слабости, како да се надминат?
Европската Унија го презентира европското законодавство, кое земјата кандидат треба да го имплементира, додека земјата кандидат го презентира степенот на усогласеност за секое поглавје. Земјата кандидат пак ја презентира усогласеноста за секое поглавје (билатерален скрининг) и во рамки на извештајот за скринингот презема обврски со определени рокови за усогласување во оние области каде тоа не е направено.
„Целта е да се овозможи Комисијата и земјите членки да го оценат степенот на подготвеност на земјите кандидати, да бидат информирани за нивните идни планови и да добијат прелиминарни насоки за прашањата што ќе бидат најактуелни во преговорите”, е наведено на интернет страницата на Секретаријатот за европски прашања.
Колку трае скринингот?
Една до една и пол година се очекува да трае скринингот или проверката од страна на унијата колку македонските институции се подготвени за преговори. Се спроведува по кластери односно поглавја. Направениот скрининг од страна на Европската Комисија се презентира пред Советот.
Прво скрининг, па потоа преговори
По скринингот, Европската Комисија му препорачува на Советот, а тој одлучува за почеток на преговорите за одреден кластер или поглавја со некоја земја. Ако Комисијата смета дека земјата не е подготвена за преговори дава препораки кои треба да се имплементираат за преговорите да започнат.
Северна Македонија веќе ја започна фазата на објаснувачки состаноци. На тоа му претходеше одлуката на Европскиот совет во јуни 2018 година кој донесе одлука дека земјата треба да ги започне преговорите.