Што содржи Договорот за патот кон нормализација на односите Косово-Србија? / Photo: TRT Balkan

Европската служба за надворешни работи (EEAS) го објави на својот официјален сајт текстот на предлогот на Европската унија (ЕУ) за Договорот за патот кон нормализација на односите на Косово и Србија, со кој, според високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел, синоќа во Брисел се согласија премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Според објавеното, предлогот на ЕУ содржи 11 точки за нормализација на односите Косово и Србија. Во продолжение, ТРТ Балкан ви го пренесува целосниот текст на предлогот на ЕУ:

Договорните страни, Свесни за својата одговорност за зачувување на мирот, Посветени кон придонесот за плодоносна регионална соработка и безбедноста во Европа и надминување на наследеното минато, Свесни дека неповредливоста на границите и почитувањето на територијалниот интегритет и суверенитет и заштита на националните малцинства се основниот услов за мир, Поаѓајќи од историските факти и не доведувајќи ги во прашање различните гледишта на страните за основните прашања, вклучувајќи ги прашањата на статусот, Во желба да создадат услови за соработка помеѓу страните во корист на луѓето, Се договорија за следното:

Член 1

Страните меѓусебно ќе развиваат нормални, добрососедски односи врз основа на еднакви права.

Двете страни меѓусебно ги признаваат нивните документи и национални симболи, вклучувајќи пасоши, дипломи, регистарски таблички и царински печати.

Член 2

Двете страни ќе бидат водени од целите и принципите утврдени во Повелбата на Обединетите нации, особено оние за суверена рамноправност на сите држави, почитување на нивната независност, автономија и територијален интегритет, правото на самоопределување, заштитата на човековите права и недискриминација.

Член 3

Во согласност со Повелбата на Обединетите нации, страните ќе ги решаваат сите спорови меѓу нив исклучиво со мирни средства и ќе се воздржат од закана или употреба на сила.

Член 4

Страните поаѓаат од претпоставката дека ниту една од нив не може да ја претставува другата во меѓународната сфера или да дејствува во нејзино име.

Србија нема да се противи на членството на Косово во која било меѓународна организација.

Член 5

Ниту една страна нема да го блокира, ниту да ги охрабрува другите да го блокираат напредокот на другата страна на нивниот пат кон ЕУ врз основа на нивните сопствени заслуги. Двете страни ќе ги почитуваат вредностите наведени во членовите 2 и 21 од Договорот за Европската унија.

Член 6

Иако сегашниот Договор претставува важен чекор за нормализација, двете страни ќе продолжат со нов поттик во процесот на дијалог предводен од ЕУ, кој би требало да доведе до правно обврзувачки договор за сеопфатна нормализација на нивните односи.

Страните се согласија да ја продлабочат идната соработка на полето на економијата, науката и технологијата, транспортот и поврзувањето, односите со судството и спроведувањето на законот, пошти и телекомуникации, здравство, култура, религија, спорт, заштита на животната средина, исчезнати лица, раселени лица и други слични области преку склучување на конкретни договори.

Деталите ќе бидат договорени во дополнителни договори во дијалогот под покровителство на ЕУ.

Член 7

Двете страни се обврзуваат да воспостават специфични аранжмани и гаранции, во согласност со релевантните инструменти на Советот на Европа и преку потпирање на постоечките европски искуства, за да обезбедат соодветно ниво на самоуправување за српската заедница во Косово и способност за обезбедување услуги во одредени области, вклучувајќи ја и можноста за финансиска поддршка од Србија и директен канал за комуникација на српската заедница до Владата на Косово.

Страните ќе го формализираат статусот на Српската православна црква на Косово и ќе овозможат силно ниво на заштита на српското верско и културно наследство, во согласност со постоечките европски модели.

Член 8

Страните ќе разменуваат постојани мисии. Тие се основаат во седиштето на соодветната влада.

Практичните прашања во врска со формирањето на Мисиите ќе се разгледуваат посебно.

Член 9

Двете страни ја забележуваат посветеноста на ЕУ и другите донатори да воспостават посебен пакет за инвестиции и финансиска поддршка за заеднички проекти на страните во економскиот развој, поврзувањето, зелената транзиција и други клучни области.

Член 10

Страните ќе формираат заеднички комитет, со кој претседава ЕУ, за следење на спроведувањето на овој Договор.

Двете страни ја потврдуваат својата обврска за спроведување на сите минати договори од Дијалогот, кои остануваат валидни и обврзувачки.

Член 11

Двете страни се обврзуваат да го почитуваат Патоказот (Мапа на патот) за имплементација приложен кон овој Договор.

По состанокот во Брисел, учесниците најавија дека разговорите на Белград и Приштина ќе продолжат. Двете страни ќе разговараат со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак во рамките на подготовките за наредната средба која би требало да се одржи на 18 март во Северна Македонија, во рамките на посетата на Борел.

TRT Balkan / агенции
Популарни