Претседателката на Националниот совет на Федералниот парламент на Швајцарската Конфедерација, Ирене Келин, престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, при што беше примена од претседателот на Собранието, Талат Џафери.     Фото: АА 

Претседателката на Националниот совет на Федералниот парламент на Швајцарската Конфедерација, Ирене Келин, престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, при што беше примена од претседателот на Собранието, Талат Џафери.

По церемонијата на свечен пречек, претседателите на собранијата од двете земји одржаа билатерален состанок, како и состанок на двете делегации. Ирене Келин се потпиша и во Книгата на впечатоци, а исто така имаше обраќање пред пратениците на Собранието на Северна Македонија.

Во изјава за медиумите, таа рече дека односите меѓу двете земји се одлични, додавајќи дека во Швајцарија постои добро интегрирана дијаспора од Северна Македонија.

„Транспарентните, одговорни и ефикасни парламенти играат важна улога при заштитата на основните вредности, а ефикасниот и одговорен парламент е суштествен белег на демократијата. Во рамките на билатералната програма за развој, Швајцарија ја поддржува тесната соработка со Собранието на Северна Македонија, за да може земјата да ги спроведе своите реформи“, рече Келин.

Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, рече дека на состанокот ја информирал претседателката Ирене Келин за актуелните и идни активности на законодавниот дом.

„Заедно констатиравме дека како земји имаме отворен и интензивен дијалог на највисоко ниво, на пријателска основа и заемно разбирање. Изразив особена почит за континуираната поддршка што ја добиваме во насока на евроатлантските интеграции, иако самата земја не е членка на Европската Унија и НАТО“, рече Џафери.

Тој додаде дека се разговарало и за донациите што Швајцарската Конфедерација ги дава за Собранието и Програмата за парламентарна поддршка, при што рече: „Верувам дека сме на добар пат кон еден вистински современ парламент.“

Џафери, исто така, рече дека ја информирал претседателката Келин за активното учество на Северна Македонија како земја членка на НАТО во активностите за придонесување кон колективниот мир и безбедност, особено по актуелните случувања во Украина.

AA
Популарни