Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на учеството на 79. Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк оствари средба со Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш.
На средбата претседателката Сиљановска Давкова ги потенцираше принципите на светската организација како основа на којашто мора да функционира меѓународниот поредок, без разлика дали се работи за мали или големи држави.
Таа на својот соговорник му посочи дека во случајот со македонската евроинтеграција не смее да се дозволи билатерализацијата да стане камен на сопнување за проширувањето на Европската Унија, која е настаната како мировен процес.
Генералниот секретар на ОН, Гутереш, на средбата искажа лутина поради пречките коишто Северна Македонија ги има на патот кон Европската Унија.
Порачувајќи дека е голем почитувач на македонската евроинтеграција, во разговорот тој ја потенцираше својата лична солидарност за напорите на земјата да биде дел од ЕУ.
Генералниот секретар како добар познавач на процесите на евроинтеграција и состојбата во регионот на Западен Балкан, нагласи дека македонската евроинтеграција, целосно заслужено, треба да се случи колку што е можно побрзо.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на учеството на 79. Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк се обрати на Советот за безбедност на отворена дебата на високо ниво на тема „Лидерство за мир: обединети по однос на Повелбата на Обединетите нации, во потрага по сигурна иднина“.
Во своето обраќање, претседателката Сиљановска Давкова, посочувајќи дека сè уште се соочуваме со многу конфликти, но и со уште поголема неспособност да ги решиме и навремено да ги адресираме, истакна дека сега, повеќе од било кога, ни треба лидерство за мир.
„Во овие сегашни времиња на војна и остра поларизација, заедничката потрага по мир зависи од нашиот колективен ангажман и лидерство. Колку повеќе го одложуваме наоѓањето решение, последиците стануваат пошироки и повеќе не засегаат, со закана да станат не само регионални, туку и глобални. Незамисливо, но сепак многу реално сценарио е заканата од употреба дури и на нуклеарно оружје“, рече претседателката Сиљановска Давкова.
„Единственото оружје што треба да го користиме се колективните напори за заштита на меѓународниот поредок за идните генерации. Сите наши напори треба да бидат насочени кон создавање услови за одржлив мир и развој, каде што нашите вредности и принципи треба целосно да се почитуваат“, рече претседателката Давкова.
Таа посочи дека со нашиот заеднички придонес за глобалниот мир и безбедност треба да им овозможиме на Обединетите Нации да ја извршуваат својата водечка улога и во таа насока истакна дека Северна Македонија останува посветена на Повелбата на ОН во целост и на реформиран Совет за безбедност на ОН, способен подобро да го исполнува својот мандат.