Сите што го забавуваат процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан работат против интересите на ЕУ, рече Сијарто / Photo: AA

Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина Елмедин Конаковиќ во петокот во Сараево се сретна со министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија Петер Сијарто, кој е во работна посета на Босна и Херцеговина.

По средбата, Конаковиќ и Сијарто го потпишаа Акциониот план за приоритетна поддршка на Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија на Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина на патот кон европската интеграција на БиХ.

Конаковиќ му се заблагодари на својот унгарски колега за неговата несебична поддршка и лобирањето за полноправно членство на БиХ во ЕУ.

„Она што денеска го отворивме со посебно внимание како нова тема е официјална, формална поддршка во процес кој е тежок, за кој БиХ се уште не е доволно подготвена, а се однесува на отворање на почетокот на преговорите и минување низ сите овие технички, комплицирани административни процедури. Унгарија понуди и ние со задоволство ја прифаќаме таквата помош во однос на поминување на сите напорни преговори што не очекуваат во овој дел од постапката, се надевам, веќе од март“, рече Конаковиќ.

Тој додаде дека со својот унгарски колега разговарал за економијата и за подобрување на односите меѓу двете земји. Како што рече, обемот на трговската размена меѓу Босна и Херцеговина и Унгарија надмина 600 милиони евра.

Сијарто изјави дека неговата земја ќе го преземе шестмесечното претседавање со Советот на ЕУ на 1 јули, помалку од еден месец по следните европски избори.

„Во интерес на Европската унија е колку што е во ваш интерес да станете членка на ЕУ што е можно поскоро. Една од главните цели на унгарското претседателство ќе биде во голема мера да се забрза процесот на интеграција на земји од Западен Балкан, бидејќи веруваме дека тоа ќе донесе мир и стабилност во овој регион“, рече Сијарто.

Тој додаде дека „сите што го забавуваат процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан работат против интересите на Европската унија“.

„Има земји-членки во Европската унија кои јавно го поддржуваат проширувањето, но кога ќе се сретнеме во затворен круг, тие велат нешто сосема друго. Нашата цел е кога ќе го преземеме претседателството, во текот на тие шест месеци преговорите со вашата земја навистина ќе почеток и дека ќе се одржи првата меѓувладина конференција“, рече Сијарто.

Тој се осврна и на илегалната миграција во Европа, посочувајќи дека се зголемува притисокот врз јужните граници на Унгарија.

„Унгарија зазема јасен став по ова прашање. Ние ќе дејствуваме против илегалната миграција многу решително за време на нашето претседателство. Сакаме јасно да ставиме до знаење дека можете да влезете во Европа само во согласност со прописите. Ќе дејствуваме против миграциските квоти и ќе се обидеме да го принудиме Брисел да не ги поттикнува мигрантите да доаѓаат во Европа. Сакаме Брисел конечно да го почитува меѓународното право кое вели дека ако некој треба да бега, тогаш како бегалец треба да остане на територијата на првата соседна безбедна земја“, рече Сијарто.

Шефот на унгарската дипломатија утрово пристигна во БиХ. Поради густата магла во Сараево, авионот со унгарската делегација не можеше да слета на меѓународниот аеродром во Сараево, па продолжи кон Бањалука. Таму Сијарто се сретна со претседателот на ентитетот на БиХ Република Српска, Милорад Додик, а посетата на БиХ ја продолжи со враќање во Сараево, каде покрај Конаковиќ се сретна и со претседавачот на Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто.


AA
Популарни