Според неа, да се повика на бојкот на изборите е партиски и политички притисок / Photo: ТРТ Балкан Македонски

Јас тврдам дека ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани. Тоа значи на сите етнички групи, на сите членови на партиите, на оние кои не се во партиите, бидејќи не може ниту еден претседател да трага по единство, ако држи партиски линии, изјави кандидатката за претседателка, Гордана Силјановска Давкова.

На вечерашната прес-конференција во Централниот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ, Силјановска Давкова рече дека портите на, како што рече, „граѓанските позајмени канцеларии“ се отворени за сите.

„Она што го ветив во предизборната кампања, почнувајќи од народните канцеларии, преку обраќањата до Парламентот, преку личностите во Судскиот совет, Уставниот суд и Советот за безбедност, дека ќе ги вршам врз основа на стручност, компетентност и нема да ја заборавам разноликоста“, рече таа.

Како што дополни, мора да се обидеме да ставиме крај на балканизацијата, да помагаме едни на други, да бидеме политичари.

„Затоа ние мораме да почнеме меѓусебе да се разбираме, да се помагаме, да не посегнуваме по вето, туку да посегаме по поддршка“, рече таа, дополнувајќи дека нејзините патишта водат прво на Балканот, а, Брисел, како што дополни, е неизоставен.

Силјановска Давкова потенцираше дека ќе ги брани државните и националните интереси.

„Не е време за поделби и фалби, триумфализам. Не можете во политиката со емоции, мора рационално. Ќе направам се’ за да ги бранам државните и националните интереси“, рече Давкова.

Силјановска истакна дека за време на кампањата го зборувала она што го мисли, се посветила на целта, а наградата за неа е непроценлива.

„Не сум ги убедувала граѓаните дека сум најдобриот избор, најумна, оставив изборот да го направат тие. Мислам дека направија вистински избор. Има ли поголема инспирација од тоа жена да стане претседател. Со мене, кога ќе се опкружам со жени сличнин на мене, свои, стамени, кои умеат да изразат став на свој начин, тоа е некаков голем исчекор, тоа е за мене реформски чекор“, рече Давкова.

Според неа, да се повика на бојкот на изборите е партиски и политички притисок. Како што рече, немала многу време да го следи говорот на нејзиниот опонент Стево Пендаровски, но фатила неколку инсерти, и смета дека критиката на бојкотот на ДУИ и на обидот да се киднапира избирачкото право, да се одземе нивното избирачко право или да се диригира е добра констатација.

Давкова изјави дека не се согласува со тезата дека гласовите ги добила поради национализам, напротив, вели таа, во тимот имала Албанци, Турци, Роми и ќе ги вклучи во кабинетот. Тоа се луѓе кои зад себе имаат образование и докторати и тоа за неа е суштинскиот елемент, а потоа е припадноста.

Силјановска изјави дека не знае дали противкандидатот Пендаровски ѝ честитал победа, бидејќи си го заборавила мобилниот телефон дома.

Според резултатите од Државната изборна комисија од 80,37 отсто од преброените гласови, Силјановска-Давкова освои 439.614 гласови или 64,83 отсто, а Пендаровски освои 198.288 или 29,24 проценти од гласовите.

Првичните резултати од денешниот втор круг претседателски избори што Државната изборна комисија ги објавува на својата веб-страница, покажуваат дека од обработени речиси 70 отсто од гласачките ливчиња, води кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова со освоени 361.279 (64,30%), а Стево Пендаровски од СДСМ има 166.120 (29,57%).

TRT Balkan / агенции
Популарни