Во Скопје вчера започна работилницата „Борба против илегалната трговија со културни добра во Западен Балкан“.
Македонскиот министер за култура и туризам Зоран Љутков, како и претставници од земјите од регионот, присуствуваа на отворањето на работилницата организирана од страна на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО) и Европската Унија (ЕУ).
Учество во програмата зеде и Зејнеп Боз, раководителка на Одделот за борба против шверц при Генералниот директорат за културно наследство и музеи на Министерството за култура и туризам на Туркије, која е консултант на УНЕСКО во областа на борбата против илегалната трговија со културни добра.
Во своето обраќање на отворањето, министерот Љутков истакна:
„Од особено значење е имплементацијата на меѓународните конвенции од областа на заштита на културното наследство. Нашата земја, кандидатка за членство во Европска Унија, демонстрира сериозна посветеност во почитување на меѓународните конвенции како и други важни европски документи од областа на заштитата на културното наследство.“
Заблагодарувајќи ѝ се на Европската комисија за поддршката на овој проект, кој е особено важен за земјите од Западен Балкан и нивните културни богатства, Љутков рече:
„Недозволената трговија со културни добра е глобален проблем кој бара глобален одговор, но исто така, бара и силна регионална соработка особено во Западен Балкан, каде што културното наследство е богато и разновидно. Потребна е и силна регионална соработка“, рече министерот Љутков.
Нагласувајќи дека заштитата и зачувувањето на културните добра на земјата се врвен приоритет за Владата на Северна Македонија и Министерството што го претставува, Љутков продолжи со зборовите:
„Нашиот регион е познат по својата богата историја и култура, но во исто време и по својот историски контекст кој ги прави културните добра ранливи на кражби и на нелегална трговија. Со тоа, не само што се оштетува културното наследство, туку се подриваат и економијата и социјалната стабилност на нашите земји. Затоа неопходно е сите земји од регионот заеднички со сите расположливи капацитети да се обединиме и да соработуваме во активностите за спротивставување и враќање на украдените и нелегално изнесени предмети.“
Матео Росати, официјален претставник на Европската регионална канцеларија за наука и култура на УНЕСКО, одговорен за култура, се осврна на важноста на културните добра и истакна дека злосторствата врз културните добра не се само имотни злосторства.
Потсетувајќи дека проектот се реализира под покровителство на партнерството на ЕУ и УНЕСКО, Росати рече дека се здружиле за да се здобијат со повеќе информации и да се опремат со подобри алатки во борбата против овој вид криминал.
Опишувајќи ја заштитата на културните добра како колективна одговорност во која меѓусекторската соработка е од суштинско значење, Росати истакна:
„Овој проект е исто така поврзан и со зајакнувањето на мрежите низ Западен Балкан и пошироко, во партнерство со други национални, регионални и меѓународни организации. Оваа заедничка борба, исто така, може да послужи и како платформа за зајакнување на дијалогот и соработката со Европа.“
Туркије ја поддржува обуката на кадрите со испраќање експерти
Зејнеп Боз, раководителка на Одделот за борба против шверц при Генералниот директорат за културно наследство и музеи на Туркије, во изјава за дописникот на АА рече дека проектот е фокусиран на спречување на шверцот на културни добра во земјите од Западен Балкан.
Опишувајќи го проектот како исклучително важен за нив во тој поглед, Боз рече: „Шверцот на културни добра е транснационален криминал и колку подобро земјите соработуваат, толку подобро ќе се справат со ова прашање. Затоа, сè што ќе ја зајакне соработката придонесува за заштита на културното наследство што мораме да им го оставиме на идните генерации, а можеби сето тоа станува полесно преку оваа соработка. Денеска сме тука со УНЕСКО и Европската Унија за да го обезбедиме тоа.“
Осврнувајќи се на придонесот на Туркије за проектот, Боз продолжи со зборовите:
„Придонесот на Туркије е поддршка во обуката со испраќање експерти. Присуството на персонал од нашите полициски оддели кои се специјализирани за борба против шверцот со културни добра, вклучително и важни академици, како што се проф. д-р Зејнеп Ѓул Унал и д-р Ишилај Ѓурсу. Можеме да кажеме дека севкупниот придонес на Министерството за туризам на Туркије е и со тоа што ѝ придава големо значење на соработката во сопствената институција, со што обезбедува моќен одговор за соодветната област.“
Истакнувајќи дека Туркије со задоволство го споделува она што го научила и новитетите што ги учи, Боз потсети дека станува збор за проект на ЕУ и УНЕСКО.
Боз додаде дека во текот на 5-дневната работилница експерти од различни земји ќе ги споделат своите искуства, истакнувајќи дека целта им е да ја зајакнат меѓусебната соработка.