Словенечкото МВР ќе и предложи на Владата продолжување на граничните контроли со Унгарија и Хрватска за 20 дена, најави министерот за внатрешни работи Боштјан Поклукар.
Поклукар во текот на денот заедно со заменик-генералниот директор на полицијата Игор Циперлет ги посети граничните премини со Унгарија Пинце и Долга Вас.
Во образложението на неодамнешната одлука за привремено повторно воведување на граничните контроли, словенечката влада ги наведе заканите за јавниот ред и внатрешната безбедност во ЕУ, ситуацијата на Блискиот Исток и Украина и неодамнешните терористички напади во некои членки на ЕУ.
„Знаеме дека степенот на терористичка закана во некои европски земји сѐ уште е висок, во Словенија е среден. Ова е и причина што на 2 ноември министрите на Словенија, Италија и Хрватска ќе се сретнат во Трст и ќе разговараат за заканата од тероризам и мерките што ги воспоставуваме на границата, како и во регионот, изјави Поклукар.
Тој додаде дека е неопходно да се контролира влезот на илегални мигранти, од кои за неколку дена се евидентирани околу стотина, а уапсени се и неколку криумчари.
На 21 октомври Словенија воведе привремени гранични контроли со Унгарија и Хрватска.
Првично контролата требаше да трае до 30 октомври со можност за продолжување.
Словенија се одлучи на оваа мерка откако Италија ја информираше дека во тој период ќе воведе привремена контрола на границата со Словенија.
Според СТА, Италија веќе укажала дека контролата на границата со Словенија се очекува во текот на целата зима.