СНС прогласи победа на локалните избори во Србија / Photo: AA

Претседателот на владејачката Српска напредна партија (СНС) Милош Вучевиќ изјави дека листата Александар Вучиќ - Србија утре, освен во Бачка Топола, Сента, Канижа и Тутин, однела победа во сите останати градови и општини во Србија на одржаните локални избори.

Кога станува збор за главниот град на Србија, според проценката на ИПСОС-ЦЕСИД врз основа на 51,5 отсто од обработениот примерок, листата „Александар Вучиќ - Белград утре“ освои 53 отсто од гласовите. На второ место е листата „Др Саво Манојловиќ - И јас сум Белград - Крени промени“ со 17, а на трето место е „Го бираме Белград - Добрица Веселиновиќ - Милош Павловиќ“ со 12,6 отсто од гласовите.

На четвртото место е листата „Ние, силата на народот, проф. др. Бранимир Несторовиќ“ со 8,2 отсто освоени гласови. Со затворањето на гласачките места во 20 часот завршени се локалните избори во Србија на кои граѓаните бираа одборници на Собранието на градот Белград и локална власт во уште 14 градови, 51 општина и 23 градски општини. На изборите за Собранието на градот Белград учествуваа 14 листи, колку и за Собранието на Нови Сад,а во Ниш имаше листи. Избори се одржани во уште 12 градови: Суботица, Зрењанин, Кикинда, Вршац, Панчево, Сомбор, Сремска Митровица, Ваљево, Пожаревац, Јагодина, Ужице и Чачак.

Бројни нерегуларности на изборите

Изборниот ден го одбележаа бројни тврдења на опозицијата дека процесот помина во сенка на изборни манипулации. Највеќе обвинувања за нерегуларностите на изборите опозицијата пријави во Белград и Нови Сад. Обвинувањата се однесуваа на водење на паралелни гласачки списоци, организирање на „центри за повици“ во јавни институции и на купување гласови. Од набљудувачката мисија ЦРТА изјавија дека таа организација поднела осум кривични пријави до полицијата поради изборна корупција и тоа поради сомнеж за купување гласови во Нови Белград, Звездара, Палилула, во Раковица и Обреновац. Претседателот на Градската изборна комисија на Белград Зоран Лукиќ вечерва изјави дека немало проблеми, судири или турбуленции во текот на гласањето.

Заменик претседателот на Градската изборна комисија во Нови Сад, Милован Шијаков, изјави ека немало поголеми неправилности кои влијаеле на изборниот тек. Изборната комисија во рок од 96 часа од затворањето на избирачките места би требала да објави вкупен извештај за резултатите на изборите. Изборите не се организирани во 64 градови и општини каде се одржани во декември минатата година.

TRT Balkan / агенции
Популарни