Мисијата на ЕУЛЕКС соопшти дека синоќа на северот на Косово, кај Рударе, каде се поставени барикади, со шок бомба е нападната извидувачка патрола на ЕУЛЕКС, но никој не е повреден.
Од ЕУЛЕКС потврдуваат дека „синоќа кај Рударе е фрлена шок бомба врз извидувачка патрола на ЕУЛЕКС“.
„Ниту еден службеник на Специјалната полициска единица ЕУЛЕКС не е повреден, ниту е причинета материјална штета. Овој напад, како и нападите врз службениците на Полицијата на Косово, е неприфатлив“, наведуваат од ЕУЛЕКС и додаваат дека силно ги осудуваат насилните дела кои ги сториле вооружени лица на северот на Косово, вклучувајќи и против меѓународната заедница.
„ЕУЛЕКС ќе продолжи да работи со решителност да ја поддржи стабилноста на Косово, во рамките на границите на својот мандат и да придонесе кон безбедноста на неговото население од сите заедници. Апелираме на одговорните да се воздржат од понатамошни провокативни акции и ги повикуваме косовските институции сторителите да ги приведат пред правдата“, се вели во соопштението.
Реакции на нападот врз патролата на ЕУЛЕКС
Германскиот амбасадор во Косово Јорн Рохде преку објава на социјалната мрежа Твитер реагираше во врска со нападот врз патролата на ЕУЛЕКС на северот на Косово.
„ЕУЛЕКС придонесува за обезбедување безбедност и сигурност на сите граѓани. Насилството против ЕУЛЕКС и другите обезбедувачи на безбедноста треба да престане“, истакна тој.
Премиерот на Косово Албин Курти во својата реакција во однос на нападот на патролата на ЕУЛЕКС на северот на Косово истакна:
„Со решавање на проблемот со регистарските таблички и одложување на изборите, криминалните банди на северот на Косово немаат ни најмал изговор за барикади и насилни напади врз косовската полиција. Во соработка со КФОР, работиме на брзо и мирно решавање на ситуацијата.
Косовска полиција: Во три случаи пукано кон полициските едници
И Косовската полиција соопшти дека синоќа од различни локации, во три случаи е пукано кон полициските единици кои беа на службена должност во близина на браната на езерото Газиводе.
Претходно Косовската полиција соопшти дека од безбедносни причини, додека патиштата се блокирани, ги затвори за сообраќај двата гранични премини на северот на Косово, кон Србија, Јариње и Брњак.
На патиштата кон северот на Косово локалното население, меѓу кои се видени и маскирани лица, вчера околу 16 часот ги блокирале патиштата со камиони. Барикадите се поставени откако Косовската полиција во сабота претпладне на граничниот премин Јариње го уапси Дејан Пантиќ, поранешниот припадник на Косовската полиција, поради основано сомнение за вмешаност во организирање напади на канцеларијата на Централната изборна комисија и нападите врз службениците на ЦИК и Полицијата на Косово на 6 декември во Северна Митровица и Зубин Поток.
Од Косовската полиција истакнуваат дека блокадите на патиштата се случуваа воглавно на некои патишта, вклучувајќи ги и националните патишта на општините Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток, нарушувајќи ја и оневозможувајќи ја слободата на слободно движење на граѓаните и стоката.
Одложени предвремените локални избори на северот на Косово
Претходно, претседателката на Косово Вјоса Османи соопшти дека ги одложи вонредните избори во четири општини на северот на Косово, закажани за 18 декември за април 2023 година, поради непостоење на безбедност за нивно одржување.
Во Северна Митровица и Звечан во последните денови се забележани инциденти поради подготовките за одржување на вонредните избори во четирите општини со српско мнозинство на северот на Косово, откако српските претставници, поради одлуката за регистарските таблички, ги напуштија косовските институции, вклучително и полицијата и судството.