Собранието на РСМ дискутира за придонесот во Советот за човекови права / Photo: AA

Собранието на Северна Македонија и Канцеларијата на Обединетите нации во Скопје организираат дискусија на тема „Придонесот на Парламентот во работата на Советот за човекови права на ОН и Универзалниот периодичен преглед".

Воведно обраќање пред дискусијата имаа Талат Џафери, претседател на Собранието, и Росана Дуџaк, постојан координатор на ОН во Северна Македонија.

Џафери рече дека со задоволство ја прифатиле иницијативата да се разговара за важноста на придобивките од вклучувањето на Собранието во активностите на Советот за човекови права и можноста за поголем придонес во креирањето на Универзалниот периодичен преглед (УПП), за кој рече дека е еден од најважните механизми за следење на исполнувањето на обврските од областа на човековите права.

„Верувам дека ќе се согласите дека парламентите имаат клучна улога во остварувањето на човековите права на национално ниво. Преку нивните законодавни, надзорни и буџетски овластувања, тие мора да обезбедат заштита и унапредување на човековите права за сите. Со својата улога за контрола врз спроведувањето на владините политики, парламентите обезбедуваат усогласување со преземените меѓународни обврски“, нагласи Џафери.

Тој изјави дека парламентите се природни партнери на Советот за човекови права и дека може активно да се вклучат и да придонесат во подготовката на УПП, како и да го следат спроведувањето на препораките.

Џафери истакна дека Северна Македонија има спроведено три циклуси на УПП, и тоа во 2009, 2013 и 2019 година.

Истакнувајќи дека Собранието, за жал, не беше вклучено во подготовката и презентацијата на претходните извештаи, тој рече дека денешната дискусија претставува прв чекор во активното вклучување на Собранието за четвртиот извештај.

Постојаниот координатор на ОН во Северна Македонија, Росана Дуџaк, во својот говор изрази благодарност за одличната соработка што ОН ја има со Собранието.

Таа наведе дека земјата ќе има корист од интерактивниот дијалог со Советот за човекови права, презентирајќи предлози или слушајќи ги препораките на другите земји на ОН.

„Би сакала да нагласам дека оваа година ја одбележуваме 75-годишнината од Универзалната декларација за човекови права. УПП и одбележувањето на овој историски документ се на иста линија и имаат иста цел. Тие ги повикуваат државите да обезбедат целосна имплементација, притоа зајакнувајќи ги напорите и заложбите за човековите права како решение за новите предизвици“, рече Дуџaк.

Во дискусијата учествуваа и пратеници од Собранието на Северна Македонија, претставници на невладини организации, како и други претставници на ОН, меѓу кои и координаторката Сепиде Мохаџер од канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на ОН.

TRT Balkan / агенции
Популарни