Собранието ќе треба да се произнесе и за иницијативата на ЛДП, кој предложи пасошите да важат до истекот на рокот, но со печат на Северна Македонија / Photo: Собрание на РСМ

Собранието денеска не го усвои Предлогот за измени на Законот за патните исправи, кој предвидуваше важноста на старите пасоши да биде продолжена до крајот на годинава, односно до 31 декември. Против измените предложени од ВМРО-ДПМНЕ гласаа 54 пратеници, односно пратениците на владејачките партии СДСМ, ДУИ и НСДП, додека за продолжувањето на рокот беа 46 пратеници.

Пратениците не прифатија на дневен ред на седницата да бидат ставени измените на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија, со кои ВМРО-ДПМНЕ предлагаше одложување на важноста на патните исправи односно патните исправи со натписот „Република Македонија“ да важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во патната исправа, најдоцна до 12 февруари 2024 година.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека изменувањето на Законот било неопходно поради тоа што било извесно прекршувањето на уставното загарантирано право на граѓанинот на слободно движење, односно слобода на движење утврдено во членот 27 став 2 од Уставот на Република Македонија “.

Мицевски, кој вчера пред пратениците уште еднаш го образложи предлогот за измени на законот за патни исправи, изјави дека со оваа одлука не се менува меѓународен договор туку законот за патни исправи, како што тврдат од СДСМ.

Тој појасни дека законот за патни исправи требало да се смени истиот ден кога се сменил законот кој се однесуваше на возачките дозволи.

Владејачкото мнозинство дополнително ќе треба да се произнесе за иницијативата на нивниот коалиционен партнер ЛДП кој излезе со предлог пасошите да важат до истекот на нивниот рок но со печат на Северна Македонија. Промените се предложени по итна постапка, а ќе бидат разгледани на наредната седница.

TRT Balkan / агенции
Популарни