Советникот на бугарскиот претседател посочи дека правење проблем со знамето е дополнително влошување на состојбата / Photo: Кабинет на Претседател на РСМ

Непоставувањето на знамето на РСМ при посетата на македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова на Софија не е грешка, велат од кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев и додаваат дека македонскaта претседателка билa во приватна посета.

Советникот на шефот на бугарската држава, Димитар Стојанов, за агенцијата БНТ изјавил дека со непоставување на знамето не е повреден ниту еден протокол, а Давкова приватно се сретнала со бугарскиот претседател, односно причина за нејзината посета е културен настан.

„Поради оваа причина, македонското знаме не е истакнато во Претседателството, бидејќи за ваквите посети не е потребно строго почитување на државниот протокол“, рече Стојанов.

Тој посочи дека разговорот меѓу Радев и Силјановска-Давкова бил исклучително конструктивен и се одвивал со добар тон.

Договорени се идни државни посети на РСМ и Бугарија, што тој ги дефинира како чекор напред во дијалогот меѓу двете земји.

На новинарско прашање дали неистакнувањето на македонското знаме е провокација, Стојанов одговори дека нема да зборува за тоа додека работи на напредок и развој на односите меѓу двете земји.

„Не е во ред да се меша знамето за оваа ситуација. Дали ова значи дека ако државник од соседна земја дојде да пие кафе во Бугарија, треба да се истакнат знамиња“, рече Стојанов, додавајќи дека сето тоа е „непотребно влошување на сегашната ситуација“.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски најави дека Скопје денеска и официјално ќе испрати демарш до Амбасадата на Бугарија во РСМ, поради неистакнувањето на македонското знаме на средбата Давкова и Радев во Софија.

Како што посочи, македонската делегација за непоставувањето на државното знаме не реагирала веднаш во знак на почит на двајцата пилоти, кои истиот ден го загубија животот во авионска несреќа.

„Имаше реакција од Кабинетот на претседателката и таму стоеше многу јасно зошто тој ден не е реагирано. Во интерес на почитта кон загубените трагични животи на пилотите што загинаа во Бугарија, не сакавме да создаваме тензија. Но добро е што и денеска се реагира, на овој начин. Порано не ни пречеше што се виткаше кичмата и што се бакнуваа чевлите на нашите соседи и се молчеше. Тогаш тоа беше убаво и европска вредност, а сега кога реагираме, зошто реагираме“, рече Мицкоски.


TRT Balkan / агенции
Популарни