Српскиот претседател Александар Вучиќ, македонскиот премиер Димитар Ковачевски и албанскиот премиер Еди Рама позираат за време на самитот на „Отворен Балкан“ во Охрид     Фото: Ројтерс

Иницијативата за регионална соработка која ја покренаа Србија, Северна Македонија и Албанија пред три години, неформално беше наречена „Мини Шенген“, а денес е позната како „Отворен Балкан“. Според земјите основачи, иницијативата има за цел да ја подобри регионалната економска соработка и да отвори можности за непречено движење на луѓе, стоки, услуги и капитал за околу 12 милиони луѓе, како и поттикнување на интеграцијата на трите земји во Европската унија.

Потпишани низа договори

Од покренувањето на иницијативата на годишно ниво во Србија, Северна Македонија и Албанија, се одржуваат состаноци помеѓу српскиот претседател Александар Вучиќ, македонскиот премиер Димитар Ковачевски и албанскиот премиер Еди Рама, на кои се разговара за можноста за регионалната соработка, но и се потпишуваат договори и меморандуми за соработка на разни полиња кои се однесуват на соработката во полето на взаемно признавање на дипломи и научни звања, меморандуми за соработка во областа на културата, туризмот, даночната администрација.

Во рамките на иницијативата потпишани се договори за соработка во областа на обезбедување храна, кинематографија и цивилната заштита и многу други.

Но освен овие договори и фокусот на економската и трговската соработка во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, во последните месеци се говори и за идејата на проширување на оваа соработка на културно поле.

Предлог за Отворен Балкан фестивал

Вршителот на должноста управник на белградскиот Народен театар, Светислав Гонциќ предложи одржување на „Отворен Балкан фестивал“ (Open Balkan festival) во кој би биле вклучени културните институции од највисоко значење во Србија, Северна Македонија и Албанија.

Според Гонциќ, таков предлог на неодамнешниот состанок на иницијативата „Отворен Балкан“ во Охрид наишол на „многу добар одзив“ во разговор со министрите и директорите на националните театри на Северна Македонија и Албанија, како и манифестацијата „Охридско лето“.

„Сметаме дека таа иницијатива е најдобар начин да се пополни сликата на туристичката и културната размена која надминува формални граници. Културата е многу поширока“, нагласи Гонциќ.

Според него, партнерите од Северна Македонија и Албанија се повикани на консултативен состанок на кој би ги поставиле основните параметри за одржување на ваквата размена, која би претпоставувала и натпреварувачки дел, но и размена на уметниците во областите на операта, балетот, драмата, како и покренување конкурс за драмски текст.

Гонциќ рече дека „иницијативата е добро прифатена“ и затоа „Отворен Балкан фестивал“ би можел да се одржува и во Белград, Скопје и Тирана, со гостување на другите од регионот.

Прва регионална министерска платформа за култура

Министерката за култура на Северна Македонија Бисера Костадиновска-Стојчевска кон крајот на јуни оваа година во Тирана учествуваше на министерски состанок на промоција на Првата министерска платформа на Западен Балкан за култура, организиран од страна на Марија Габриел, европска комесарка за иновации, истражување, култура, образование и млади.

„Министрите од Западен Балкан ги истакнаа предизвиците со кои се соочуваат со младите и културното наследство. Потребни се уште повеќе вмрежувања и заеднички проекти. Во моментот се реализираат 13 проекти во висина од 3 милиони евра кои се наменети за Западен Балкан за да се негува и зачува културното наследство, така што оваа платформа е важна за заедничко делување на земјите во културата“, истакна тогаш министерката Костадиновска-Стојчевска.

По идејите за соработка помеѓу земјите од „Отворен Балкан“ освен на економски и на културен план, останува да се види дали за идејата постои интерес кај сите земји членки на иницијативата за имплементирање на она што веќе е договорено на хартија, но исто така, проширување на соработката и сој другите земји од регионот кои не се дел од истата, но би соработувале на ова поле.

TRT Balkan
Популарни