Зајакната прекугранична полициска соработка, интензивирање на активностите во борбата против организираниот криминал како и спроведување заеднички вежби на полициските единици беа дел од темите на кои биле дискутирани за време на посетата на министерот за внатрешни работи на Северна Македонија Оливер Спасовски во Бугарија. Спасовски со придружна делегација престојува во Министерството за внатрешни работи на Бугарија во Софија.
Во рамките на посетата, делегацијата предводена од министерот Спасовски се состана со неговиот бугарски колега Бојко Рашков. Двајцата министри присуствуваа на заедничка вежба на двете специјални единици.
„Како две соседни држави упатени сме на меѓусебна соработка и наш заеднички интерес е да имаме добри резултати и бенефит од ваквата соработка, што е еднакво важно како за министерства за внатрешни работи на двете земји, така и за нашите две држави, но и за регионот“, рече министерот Спасовски.
Тој нагласи дека МВР на Северна Македонија посветено работи на унапредувањето и продлабочувањето на билатералната и оперативната соработка со бугарското МВР, во насока на зајакната регионална соработка како еден од главните приоритети, посебно во делот на сузбивање на организираниот криминал, трговијата со луѓе, недозволената трговија со дрога, криумчарењето мигранти и справувањето со илегалната миграција.
„Помеѓу двете служби се имплементираат форми на прекугранична полициска соработка содржани во ЕУ Шенген каталогот на препораки и најдобри пракси и во Конвенцијата за полициска соработка во ЈИЕ. Токму согласно оваа Конвенција, во 2009 година се воспостави и функционира Заедничкиот контакт центар за полициска и царинска соработка ‘Деве Баир – Ѓуешево’, кој во тоа време беше единствен таков центар помеѓу земја членка на ЕУ и земја која не е членка на ЕУ. Овој контакт центар е единствен уште по еден основ – тој освен за полициска соработка, служи како контакт центар и за царинска соработка“, истакна Спасовски.
Во тој контекст, Спасовски ја нагласи и важноста од интензивирање на активностите во борбата против организираниот криминал, преку формирање на Координативно тело на стратешко ниво, претставено од раководителите на организациските единици за борба против организиран криминал и тероризам, со можност за координативни годишни состаноци заедно со јавни обвинители, на кои би се дискутирало за заедничките закани и би се дал приоритет на заедничките активности за справување со тие закани.
Министерот за внатрешни работи на Република Бугарија Бојко Рашков ги оцени како одлични односите во делот на внатрешните работи и безбедноста меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија. Рашков ја сподели увереноста дека активниот и отворен дијалог за сите теми од заеднички интерес ќе биде поддржан и продлабочен и во иднина.
„Заедничките вежбовни активности на специјалните антитерористички единици на двете држави што се реализираа денеска, се уште една потврда за добрата практична интеракција од областа на внатрешните работи. Искуството ни покажува дека кога имаме директна комуникација помеѓу службите, соработката се интензивира и се постигнуваат конкретни, заемно корисни и одржливи резултати“, истакна министерот Рашков.