Србија: Црн пантер виден во атарот на општина Апатин / Фото: AA

Црн пантер, исклучително опасен предатор, бил забележан во општина Апатин на западот на Војводина во Србија.

Ова го соопшти Шумската управа „Апатин“, која работи во рамките на Јавното претпријатие „Војводина шуми“. За тоа се известени шест месни заедници кои се наоѓаат во зоната како и риболовните, ловните и пчеларските здруженија, со цел граѓаните да бидат внимателни ако го забележат.

„Ги известуваме сограѓаните дека е виден црн пантер (леопард) во атарите на општината Апатин. Предаторот е исклучително опасен и апелираме до граѓаните да водат сметка за себе и своите најблиски. Доколку некој го види црниот пантер, потребно е веднаш да ја известите надлежната полициска станица“, се наведува во соопштението.

Со ова известување официјализирано е тврдењето на локалните жители кои пријавиле дека виделе „голема црна мачка“. За ова со денови известувал новосадскиот весник „Дневник“, наведувајќи дека во атарот Сонте, село во апатинска општина, виден е отпечаток на голема мачка која, поради величината на шепите, не може да и се припише на ниту едно друго животно.

Истиот весник се повикува на пишувањето на одредени медиуми пред година дена за исчезнување на црна мачка од приватна зоолошка градина во Унгарија, а епилогот на таа потрага не е познат.

TRT Balkan / агенции
Популарни