Премиерката на Србија Ана Брнабиќ изјави дека посетата на црногорскиот колега Дритан Абазовиќ во Белград е исклучително важна за Србија и нагласи дека се надева оти посетата ќе послужи да бидат „ресетирани“ односите меѓу двете држави за да влезат во ерата на најдобри можни односи.
Брнабиќ по состанокот со Абазовиќ нагласи дека Србија „нема поблиска“ земја од Црна Гора, ниту политички ниту економски, укажувајќи дека во изминатите години „се насобрале доста отворени прашања“.
Таа наведе дека најважни теми за кои разговарале биле храната, енергентите и инфраструктурното поврзување.
„Додека ние имаме храна и нашите пријатели и партнери во регионот ќе имаат храна, а Србија има доволно храна“, нагласи Брнабиќ.
Неискористен хидропотенцијал
Таа додаде дека постои огромен потенцијал за соработка во однос на прашањето на енергентите.
„Поради разни политички прашања, отворени теми, тука не направивме многу во последните години, но нашата обврска е тоа да го направиме, особено во регионални проекти помеѓу Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија, постои значителен хидропотенцијал. Доколку се договориме заедно да ги искористиме тие хидропотенцијали, со обврска тоа да биде во согласност со најдобрите стандарди за заштита на животната средина, и Босна и Херцеговина и Црна Гора и Србија можат да добијат значителни енергетски капацитети“, наведе Брнабиќ.
Абазовиќ оцени дека состанокот со Брнабиќ е начин да се сврти „нова страница“ и политичките и сите останати односи да се подигнат на најголемо можно ниво и дека е неприродно да има било каков „шум во комуникацијата“.
„Верувам дека денес, ја чувствувам таа енергија во Белград, дефинитивно започна еден нов циклус кој треба да поразбира дека на сите отворени прашања, кои веројатно ќе ги има и во наредниот период, сме спремни да пристапите на крајно одговорен начин и да ги затвораме во корист на граѓаните и на Црна Гора и на Србија“, истакна Абазовиќ.
Тој рече дека Црна Гора е голем пријател на Србија, како и дека дошол момент Западен Балкан да се третира на „еден поинаков начин“ и дека „мораме да преземеме одговорност“ за релациите во регионот и дека тие релации мораат да бидат многу подобри.
„Ние како Влада на Црна Гора ќе се потрудиме да дадеме придонес вкупните односи во регионот да се релаксираат и регионот на Западен Балкан да не биде веќе препознаван како проблематичен регион, туку како регион кој може да се договара, кој сака да оди напред и сака економски примат во однос на она што било минато кое не било толку убаво’, истакна Абазовиќ.
Нагласи дека тој е премиер кој води европска и секуларна држава, во која сите верски заедници ќе имаат ист третман, а на ниту едно прашање да не му се даде поголемо значење од она што заслужува.
Говорејќи за Темелниот договор кој би требало да биде потпишан помеѓу Владата на Црна Гора и Српската православна црква рече дека целта и желбата на црногорските граѓани е тоа прашање да се затвори и да се мисли дека предложениот текст на тој договор е „во потполност со Уставот и законот“.