Министерот за внатрешна и надворешна трговија на Република Србија, Томислав Момировиќ, поднесе оставка, објавија српските медиуми.
„Ве известувам дека поднесувам оставка од местото министер за внатрешна и надворешна трговија. Благодарен сум му на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, за довербата и одликувањето. За него и за Србија сум секогаш“, наведе Томислав Момировиќ во пишаната оставка поднесена до премиерот на Србија, Милош Вучевиќ.
Томислав Момировиќ од 2020 до 2022 година ја извршуваше функцијата министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура во Владата, по што во два мандата беше избран за министер за внатрешна и надворешна трговија.
Момировиќ е вториот министер во Владата на Србија кој поднесе оставка по трагедијата на железничката станица во Нови Сад, во која загинаа 15 лица, а двајца се уште се во критична состојба. Пред него тоа на 5 ноември го направи министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ. Весиќ тогаш истакна дека поднел оставка „како одговорен човек кој со личен пример сака да покаже дека во денешна Србија има морална одговорност поради страшната трагедија што се случи во ресорот со кој раководи“.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера рече дека поради трагедијата во Нови Сад очекува оставки во Владата и на други места, а од обвинителството да има мерки во најкраток можен рок.
На 1 ноември во Нови Сад се урна натстрешницата на Железничката станица, при што загинаа 15 лица, а две тешко повредени лица сѐ уште се борат за живот во Универзитетскиот клинички центар на Војводина.