Сѐ уште трае потрагата по исчезнатото двегодишно девојче Данка Илиќ од околината на Бор во Република Србија, кое исчезна вчера во градот Бањско Поље кај Бор.
Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека на терен се полицајци, пожарникари-спасувачи, припадници на планинската спасувачка служба, припадници на Жандармеријата со кучиња трагачи, ловџии и бројни граѓани.
„Во оваа акција се користат хеликоптери и дронови со термовизиски камери, а во потрагата може да се вклучат и доброволци во координација со полицијата“, наведуваат од МВР на Србија.
Според медиумите, родителите на девојчето денеска се на распит во полицијата, а за вештачење е задржан телефонот на мајката, која била со Данка и нејзиниот една година помал брат кога девојчето го снемало во близина на шума.
Припадниците на МУП го активираа системот „Пронајди ме“ за итно јавно известување во врска со случајот со исчезнувањето на двегодишното девојче.
Системот „Амбер Алерт“, кој постои во повеќе земји, овозможува брза дистрибуција на информации до сите граѓани, кога полицијата ќе оцени дека оваа публикација би придонела за пронаоѓање на исчезнати деца. Во мај Србија го усвои таканаречениот Закон за Тијана, со кој се овозможи примена на тој систем, воспоставен во октомври минатата година.
Полицијата и волонтерите одат од зграда до зграда за да најдат некаква трага која ќе помогне во потрагата по исчезнатото девојче, а се проверуваат и напуштени згради, јави денеска Радио телевизија на Србија.
Се повикуваат сите сопственици на викендички во населбата да дојдат и да ги отворат за да може детално да се пребараат овие предмети и да се отстранат сите сомнежи.
Мештаните на Локан стравуваат дека некој можеби го киднапирал девојчето и го однел со автомобил во непознат правец, па затоа полицијата ги проверува сите возила на неколку контролни пунктови поставени во околината.
Со донесувањето на т.н Законот за Тијана, српското правосудство, меѓу другото, ја укина затворската казна од 30 до 40 години и воведе доживотен затвор за најтешките кривични дела извршени врз малолетници. Донесувањето на законот го иницираше Игор Јуриќ, чија петнаесетгодишна ќерка Тијана беше киднапирана, силувана и убиена во 2014 година.
Доживотен затвор е предвиден за тешко убиство, силување, напад врз малолетно или изнемоштено лице и бремени жени. Овој предлог на Фондацијата „Тијана Јуриќ“ со петиција го поддржаа околу 160.000 граѓани.