Со едногласна одлука на сите здруженија денес ќе биде потпишан и заверен Договорот меѓу Владата и здруженијата на земјоделци во Србија. Договорот е резултат на преговори и сѐ што е договорено ќе се уреди веднаш, најавија претставниците на седумте здруженија на земјоделци.
Земјоделците собрани во седум здруженија, на кои им се придружија и други земјоделци минатата недела, почнаа со протестни возења, а потоа и со блокади на патиштата низ Србија бидејќи не добија позитивен одговор од Владата на Србија за нивните осум барања.
Во саботата се одржани повеќечасовни преговори на кои присуствуваше и претседателката на Владата на Србија, Ана Брнабиќ, на кои со земјоделците беа договорени 10 точки, како и тој договор да се потпише во понеделник (денес), по што земјоделците ги прекинаа блокадите со трактори низ Србија. Сепак, како што дознаваме од членовите на Иницијативата за опстанок на српските земјоделци, земјоделците вчера пратиле низа приговори на делови од текстот на договорот што им бил доставен од Владата на Србија, па усогласувањето траеше до вечерта кога здруженијата најавија дека ќе го потпишат договорот.
Според информациите што новинската агенција Анадолу (АА) ги доби од претставниците на земјоделците на состанокот во сабота, меѓу другото, договорено е субвенциите по хектар да се зголемат од 9.000 на 18.000 динари, премиите за млеко од 15 на 19 динари за литар, регресот за млечни крави да се зголеми од 30.000 на 40.000 динари, укинување на 50 отсто од давачката за одводнување годинава и целосно следната година, регулирање на увозот на млеко и млечни производи и воведување квоти за млеко и воведување „син дизел“ од 1 јануари 2024 година.
Седумте здруженија на земјоделци бараат од Министерството за земјоделство на Србија и другите надлежни министерства загарантирана цена на млекото од 78 динари + ДДВ, субвенции по хектар од 300 евра, премии за млекото од 20 динари по литар, изедначување на референтната цена на земјоделските посеви со берзите во Париз и Будимпешта, воведување заштитни мерки за сите земји на ЕУ и договори ЦЕФТА на сите млечни производи, дизел-горивото за обработливо земјиште без акциза со ДДВ да биде за 100 литри по хектар за земјоделски култури и 300 литри по хектар за градинарски и овошни култури, регрес за млечни крави од 40.000 динари и укинување на плаќањето надоместок за одводнување и пренесување на оваа обврска на локалните самоуправи.
Со овој договор земјоделците ќе се вратат на своите работни места, но претставниците на седумте здруженија наведуваат дека понатамошните акции ќе зависат од исполнувањето на договорот од страна на државата, односно доколку не се испочитува договорот, тракторите од нивите повторно ќе завршат на патиштата.