Средба Мицкоски - Курти во Скопје: Целта е да градиме добрососедски односи / Photo: Фото: Прес-служба на Владата на РСМ

Нашата цел е да градиме добрососедски односи со сите наши соседи, на принципот на двонасочна улица. Ова го истакна македонскиот премиер Христијан Мицкоски на прес-конференцијата со неговиот косовски колега Албин Курти кој е во официјална посета на земјава. Премиерот Мицкоски го пречека и беше домаќин на премиерот Курти, а во рамки на посетата се одржа тет-а-тет средба помеѓу премиерите и билатерална средба каде што покрај премиерите присуствуваа и владини делегации од двете страни.

Потоа, премиерите Мицкоски и Курти одржаа заедничка прес конференција во Медија центарот на Владата.

„Со претседателот на Владата на Република Косово имавме конструктивна средба во пријателска атмосфера. Ги отворивме сите прашања коишто се важни за односите на двете држави, на двете влади, народите. Тоа е нешто кое е од суштинско значење за нас. Како нова влада, нашата цел е да градиме добрососедски односи со сите наши соседи, на принципот на двонасочна улица. Исто така, ја истакнавме потребата од зголемување на економската соработка помеѓу двете земји, нешто кое што е многу важно. Во овој момент, според последните податоци од Државниот завод за статистика, е дека размената за 2023 година е на ниво на половина милијарда евра“, изјави Мицкоски. Тој додаде дека не гледа причина зошто со напорите на двете влади таа размена да не е уште поголема.

„Со изградбата на инфраструктурните проекти, автопатот кој што ќе го поврзе граничниот премин со нашиот главен град, потенцијалниот патен правец кој што ќе ги поврзе Тетово и Призрен, и така натаму, приоритети кои што се многу важни“, рече Мицкоски. Средбата со македонскиот премиер Мицкоски беше отворена, искрена и сериозна средба која што ја остваривме ние како премиери на нашите две републики, а се разговараше за бројни теми и прашања од заемна корист, истакна на прес-конференцијата косовскиот премиер Курти, кој ја предводи владината делегација на Косово во која се и вицепремиерката за дијаспора Шварц и министерот за животна средина и инфраструктура Алиу.

„Република Косово и Република Северна Македонија имаа добри билатерални односи за основање на заеднички вредности и посебен осврт кон европските интеграции. Ние веруваме во напорите на Северна Македонија и нивната поддршка за европска интеграција и посакуваме што поскоро да ги отпочнеме преговорите за членство во ЕУ“, изјави Курти и додаде:

„Северна Македонија како наш сосед која е земја членка на НАТО, ние сме благодарни за придонесот на мировниот контингент на Северна Македонија во рамките на КФОР во овој правец подржувајќи ги напорите за безбедна средина, мировна и стабилна средина и зона за целиот регион на Западен Балкан.“ Курти рече дека нивниот стремеж е кон зајакнување на соработката во рамките на Берлинскиот процес, платформа која што е сеопфатна регионална платформа со крајни корисници и добитници граѓаните.

„Од економски аспект како и што нагласи премиерот Мицкоски имаме зголемена трговска размена од околу половина милијарда евра и во ваквата соработка има и реципрочни инвестиции во двете земји, а овие пола милијарди евра се во пораст и понатаму бидејќи се бележи позитивен тренд“, изјави Курти.

Северна Македонија, додаде тој, е веќе неколку години земја каде што Косово извезува голем број на производи и стока, нешто што исто претставува тренд во пораст и позначителен дел од извозот е ориентиран кон оваа земја.

„Од аспект на одбраната и безбедноста, ние продолжуваме да имаме добра соработка, едвај чекаме да се операционализираат заедничките гранични премини особено во Елез Хан и Блаце, коишто ќе го олеснат прометот на нашите патници и граѓани“, нагласи Курти.

TRT Balkan
Популарни