Средба Османи -Турковиќ: Нема стабилен Балкан без европска перспектива / Photo: AA

Заменик претседавачот со Советот на министри и министерка за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ, престојува во официјална посета на Северна Македонија.

Турковиќ во рамки на посетата на Скопје беше примена од страна на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи.

Османи и Турковиќ по пречекот и одржаната тет-а-тет средба одржаа и заедничка прес-конференција.

Министерот Османи изрази посебно задоволство што оваа посета на Турковиќ се случува во година кога се одбележува 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Босна и Херцеговина.

„Северна Македонија силно го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет, како и евроатлантската перспектива на Босна и Херцеговина, осудувајќи ги сите сецесионистички тенденции во БиХ“, нагласи Османи.

Тој потсети дека Северна Македонија минатата година ги започна преговорите за членство во ЕУ, а Босна и Херцеговина доби кандидатски статус.

„Република Северна Македонија дава силна поддршка на евроатлантската интеграција на Босна и Херцеговина. Како последна членка на НАТО исто така можеме во овој дел да помогнеме во рамки на споделување на искуство, во рамки на реформските активности и ја охрабруваме БиХ да продолжи по тој пат, бидејќи нема алтернатива за стабилен и просперитетен регион отколку сите земји од регионот да се движат на пат кон ЕУ и кон НАТО“, рече Османи.

Потсетувајќи дека Северна Македонија го презела претседавањето со Јадранската Повелба и со ОБСЕ, Османи истакна дека ОБСЕ има сериозна теренска мисија во БиХ, и дека нивниот фокус е токму на теренските активности.

Османи рече дека ја информирал Турковиќ за неговата посета на Украина, а дека на средбата разговарале и за билатералните и регионалните прашања.

Од друга страна, Турковиќ нагласи дека на средбата разговарале и за општата ситуација во регионот.

Таа ја истакна добрата соработка и комуникација со министерот Османи, особено во мултилатералните форуми меѓу државите од регионот и со ЕУ.

„Босна и Херцеговина со Северна Македонија нема отворени прашања, но нашата соработка може и мора да биде многу поинтензивна. Затоа денес разговаравме за зајакнување на нашите врски, соработката и ситуацијата во регионот на Западен Балкан во новите геополитички околности, Врските кои постојат меѓу нашите две земји се несомнени, историски, културни. Ние овде се чувствуваме како дома, а верувам дека и граѓаните на Македонија, исто така, се чувствуваат како дома во БиХ. Меѓутоа, потребно е да се воспостават функционални рамки за подобра патна комуникација и да се зајакне економското поврзување“, рече Турковиќ.

Таа нагласи дека меѓу двете земји има низа билатерални договори, но според неа, она што недостасува е лет Сараево – Скопје.

Истакна дека претстои важен период со претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ. Рече дека тоа е важен чекор и можност, и верува дека претседавањето ќе биде многу успешно не само за Северна Македонија, туку и за целиот регион, а и пошироко за светот.

„Северна Македонија за нас е важен меѓународен партнер, членка на НАТО, од која очекуваме и имаме поддршка, како што рече вашиот министер, за наш напредок кон полноправно членство. Нема стабилен Балкан додека сите држави на регионот не бидат на неповратен пат кон ЕУ, и без цврстиот НАТО безбедносен чадор“, додаде Турковиќ.

Таа нагласи дека Босна и Херцеговина се залага за регионална соработка во рамките на Берлинскиот процес со цел меѓусебното поврзување да го забрза приближувањето кон Европската Унија на целиот регион.

Министерката Турковиќ истакна дека Босна и Херцеговина со кандидатскиот статус остварила историски напредок.

TRT Balkan / агенции
Популарни