„Пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија се од суштинско значење во актуелните геополитички и безбедносни околности и во справувањето со влијанијата на руската агресија во Украина“. Ова било нагласено на средбата на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски со претседателот на Комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг, Михаел Рот во Скопје.
Во соопштението испратено од Кабинетот на претседателот се вели дека на средбата се разговарало за билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Сојузна Република Германија, кои се карактеризираат со пријателство, исполнети со доверба и заемно почитување и интензивен политички дијалог.
„Претседателот Пендаровски истакна дека Германија, која е движечка сила на Европската Унија на Западен Балкан, е еден од нашите најблиски сојузници и најсигурни партнери во изминатите 30 години и изрази благодарност што евроинтеграцијата на Република Северна Македонија е висок приоритет на надворешнополитичката агенда на германската Влада предводена од канцеларот Шолц“, се вели во соопштението.
На средбата се разговараше и за отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија и Албанија, при што беше посочено дека тие се од суштинско значење во актуелните геополитички и безбедносни околности и во справувањето со влијанијата на руската агресија во Украина.
Соговорниците разменија мислења и информации за германската намера за заживување на Берлинскиот процес во втората половина на 2022 година, при што претседателот Пендаровски нагласи дека Берлинскиот процес не треба да се третира како замена за процесот на пристапување во ЕУ и додаде дека за Република Северна Македонија нема друга алтернатива освен полноправно членство во Европската Унија.
Освен со претседателот Пендаровски, Михаел Рот во текот на посетата во Скопје се сретна и со претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери.