Српскиот министер за одбрана Вучевиќ во посета на Северна Македонија / Photo: Министерство за одбрана на Северна Македонија

Министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска, денеска го пречека на работна средба потпретседателот на Владата и министер за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ, кој е во работна посета на земјата.

Според соопштението на Министерството за одбрана на Северна Македонија, за време на средбата било разговарано за унапредување на соработката во доменот на одбраната, како и за учеството на земјите во регионалните иницијативи како платформи за зајакнување на регионалната стабилност и безбедност.

„Министерката Петровска истакна дека одржувањето на стабилноста во регионот е од приоритетно значење кое се постигнува со отворен дијалог и добрососедски односи, а дека активното учество во регионалните иницијативи за соработка придонесуваат за градење на меѓусебна доверба и разбирање“, се вели во соопштението.

Петровска нагласи дека целосната интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија суштински ќе придонесе за зајакнување на стабилноста и ќе ја зголеми соработката во регионот.

На состанокот, Петровска и Вучевиќ се согласија дека регионалните иницијативи во кои учествуваат Србија и Северна Македонија – Иницијативата СЕДМ, Балканските медицински сили, Иницијативата Б-9 на началниците на генералштабовите и Центарот за безбедносна соработка – РАКВИАК, се од заеднички интерес за земјите и ја унапредуваат билатералната соработка.

TRT Balkan / агенции
Популарни