Портпаролот на Европската унија Петер Стано денеска изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти се поканети да дојдат во Брисел на средба на високо ниво за да се најде „европско решение“ за како што рече „најсериозната ситуација од 2013 година“.
„Се надеваме дека ќе можат да дојдат многу брзо“, им рече Стано на новинарите, истакнувајќи дека Вучиќ и Курти биле поканети да разговараат за „начини да се најде излез од ситуацијата која е најсериозна од 2013 година“.
Причината за свикување на состанокот е „ургентноста на ситуацијата да се најде европско решение“, објасни Стано.
„Се надеваме дека ќе можат многу брзо да дојдат, за да можеме да го решиме прашањето, пред 21 ноември, а не потоа, како што и рече високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Јосеп Борел“, изјави Стано.
Портпаролот на високиот претставник на ЕУ Борел повтори дека ЕУ ја продолжува својата посредничка работа за да „достигне европско однесување кое води кон европско решение“, вели Стано.
Одговарајќи на новинарско прашање за написит во дел од приштинските медиуми дека постои договор меѓу Белград и Приштина за регистарските таблички, што Белград го демантираше, Стано рече дека „шпекулациите се контрапродуктивни“.
ЕУ не коментира „написи во медиумите како и внатрешни процеси кои се водат на работно ниво, тоа се дипломатски процеси кои се одвиваат зад затворени врати“, рече Стано.