Европската комисија потврди дека Европската Унија е подготвена да ѝ воведе санкции на Србија за нападот на северот на Косово, доколку земјите членки на Блокот најдат доволно докази.
„Европската Унија е подготвена да ги оцени мерките во врска со Србија, доколку земјите членки решат да имаат доволно информации, доволно факти“, рече портпаролот на ЕУ за надворешни работи Петер Стано.
Стано истакна дека ЕУ ќе дејствува кога земјите членки ќе донесат одлука, бидејќи за рестриктивните мерки е потребна едногласност.
Тој рече дека ЕУ ги чека „конечните резултати од соодветната, детална истрага што ќе ги разјасни сите околности околу терористичкиот напад“ и дека Блокот очекува „целосна и безусловна соработка од Србија“.
Стано ги опиша неодамнешните откривања на „огромните залихи оружје во северно Косово“ и зајакнувањето на војската во Србија како „многу загрижувачки случувања“.
Косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечла на прес-конференција во неделата изјави дека целта на „терористичкиот напад од Србија“ во Бањска е анексија на северот на Косово, пренесоа косовските медиуми.
Тој рече дека подготовките за нападот биле направени во Србија и дека тоа може да се види од беспилотните летала запленети од групата.
Свечла рече дека сликите докажуваат дека оваа група во Србија се подготвува, тренира и изведува вежби кај Јагодина и во воената база на Копаоник.
„Сите овие снимки поврзани со подготовките се добиени од беспилотните летала на терористичката организација што ја фативме“, рече тој.
Во напад на група Срби на 24 септември, предводена од потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, беше убиен косовски полицаец, а потоа косовската полиција во „антитерористичка операција“ елиминираше четворица напаѓачи и уапси шестмина. Радоичиќ и останатите побегнаа во Србија.