Шефот на НАТО посочи дека на средбата со Вучиќ разговарале и за продолжувањето на заедничките воени вежби / Photo: AA

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за време на посетата на Белград изјави дека Србија е важен регионален учесник и долгорочен партнер на НАТО.

Во рамките на својата балканска турнеја, Столтенберг престојува во посета на Белград, каде се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

„Србија е важен регионален учесник и долгорочен партнер на НАТО. Добар пример за нашата соработка е заедничката работа што ја направивме во изминатите десет години за мировната програма на НАТО и исто така соработувавме во многу други области и во рамките на програмата за мир работевме на енергетска безбедност, безбедност на животната средина, напредни технологии и сајбер одбрана. Навистина со нетрпение очекувам да видам некои примери за нашата добра соработка меѓу НАТО и Србија“, рече Столтенберг на прес-конференцијата.

Тој посочи дека на средбата се разговарало и за можноста за продолжување на заедничките воени вежби.

„НАТО и Србија претходно имаа заеднички вежби. Навистина се надевам дека ќе можеме да продолжиме со вежбите за цивилна заштита и во иднина и со нетрпение очекувам да ја зајакнеме нашата соработка“, рече Столтенберг.

Како што рече, на средбата се разговарало и за неодамнешните тензии на северот на Косово и важноста на мировната мисија КФОР.

„Две децении КФОР гарантира безбедна средина на Косово за сите заедници. Ќе продолжиме да го правиме тоа непристрасно. Некои членки на НАТО преживеаја некои напади и во септември видовме уште едno избувнување на насилство во Косово и тоа не може да се дозволи. Тие што го направија ова мора да бидат изведени пред лицето на правдата. Навистина го поздравуваме тоа што Србија е подготвена да соработува во овие напори“, рече Столтенберг.

Тој потсети и дека НАТО алијансата испрати дополнителни војници на Косово по насилствата.

„По ова насилство, НАТО распореди дополнителни илјада војници и тешко оружје на Косово. Ова беше најсилното и најголемото засилување на нашиот контингент на Косово во изминатата деценија и покажува дека НАТО е подготвен да го зачува мирот и ја поздравувам блиската координација меѓу српската армија и КФОР“, рече Столтенберг.

Тој нагласи дека сите страни треба да ги намалат тензиите и да се воздржат од ескалација на процедурите.

„Како што му кажав на претседателот Вучиќ, акумулацијата на силите на српската армија во близина на граничната линија нема да помогне во ситуацијата и јас навистина го поздравувам и поддржувам формирањето на Заедницата на српските општини на Косово, како клуч за нормализирање на односите. Ги поканувам Белград и Приштина да се вклучат во дијалог под покровителство на Европската унија. Ова е единствениот пат до траен мир и стабилност“, рече лидерот на НАТО.

На крајот тој посочи дека се разговарало и за војната меѓу Русија и Украина.

„Продолжуваме континуирано да ја критикуваме агресијата. „Украина влегува во втората зима од војната со поддршка на сојузниците и партнерите во НАТО и таа поддршка ќе остане суштинска“, рече Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО Столтенберг денеска ќе разговара и со српската премиерка Ана Брнабиќ.

Шефот на НАТО во неделата пристигна во Сараево, каде што се состана со официјални лица од Босна и Херцеговина за време на дводневната посета. Тој во понеделникот го посети Косово, а денеска Србија. Во рамки на четиридневната балканска турнеја, тој ќе ја посети и Северна Македонија.


AA
Популарни