Студентите на Правниот факултет во Белград, главниот град на Србија, денеска организираа протестна прошетка до Врховното јавно обвинителство, каде на Врховната јавна обвинителка Загорка Доловац ѝ предадоа 1.000 идентични писма со порака „почни да си ја работиш работата“.
Со овој чин, како што рекоа, студентите сакаат да ја повикаат обвинителката Доловац да си ја заврши работата согласно законот и да почне да ги исполнува студентските барања.
Студентите ги оставиле писмата за Доловац на скалите пред Обвинителството, каде еден од студентите го прочитал писмото во кое оценуваат дека правната држава пропаднала со настрешницата на Железничката станица во Нови Сад и наведуваат дека очекуваат Врховниот јавен обвинител да се бори за право и правда, согласно заклетвата пред Уставот.
Обвинителството им понуди на студентите да испратат делегација од 5-7 претставници да се сретнат со Доловац, но тие одбија и изјавија дека нема преговори.
Студентите пред Врховното јавно обвинителство пристигнаа од зградата на Владата на Србија, каде во 11.52 часот блокираа раскрсница и со 15 минути молчење им оддадоа почит на жртвите од трагедијата во Нови Сад.
Претходно кај зградата на српското Собрание, студентите кои го блокираа Правниот и Техничкиот факултет се сретнаа со студентите на факултетите лоцирани околу Студентскиот плоштад.
Барањата на студентите се објавување на целата документација за реконструкција на Железничката станица во Нови Сад, отфрлање на обвиненијата против студенти, активисти и граѓани уапсени и приведени на протестите во врска со смртта на 15 лица во најголемиот град Војводина.
Бараат и поднесување кривични пријави за сите напаѓачи на студенти, професори и граѓани на претходните комеморативни собири и протести.
Десетици илјади луѓе протестираа во неделата во центарот на Белград на покана на студенти. На протестот на Трг Славија се приклучија и земјоделци, актери и други граѓани.
Претставниците на надлежните во неколку наврати потенцираа дека сите барања на студентите се исполнети, а студентите кои ги блокираат факултетите тврдат дека нивните барања не се исполнети.