Отворени се гласачките места во Србија каде денес се одржуваат вонредни парламентарни извори, вонредни избори за Собранието на Автономната покраина Војводина, вонредни избори за главниот град Белград и уште 65 локални самоуправи.
Гласачките места се отворени во 7, а се затвараат во 20 часот. На парламентарните избори право на глас имаат 6.500.165 граѓани, на покраинските во Војводина 1.669.734, а на изборите за градот Белград 1.613.190.
Република Србија, според важечкиот Изборен закон, претставува една изборна единица. Пратеничките мандати се распоредуваат пропорционално според бројот на освоени гласови.
Во распределбата на мандатите за политичките партии од националните малцинства, доколку не го преминат изборниот цензус од 3%, важи „природен праг“, кој се добија кога бројката на важечки гласови ќе се подели со 250 пратеници за секое пратеничко место, што во зависност од излезноста на изборите, се движи меѓу 12.000 и 16.000 гласови. На овие избори учествуваат 7 изборни листи на националните малцинства.
Вонредните избори во Србија се распишани на барање на дел од опозициските партии, по повеќемесечни протести на граѓаните ширум Србија, незадоволни од одговорот на државата на двете масовни убиства во почетокот на мај во Белград и во околината на Младеновац, во кои настрадаа 19 луѓе, воглавно деца.
Републичката изборна комисија на Србија утврди дека на гласачките ливчиња ќе се најдат 18 изборни листи со вкупно 2.817 кандидати
Ќе се гласа на вкупно 8.273 бирачки места од кои 29 ќе бидат во заводите за извршување на кривични санкции, а 81 во странство во 35 земји.
Србите во Косово ќе можат да гласаат за парламентарните избори во српските градови Врање, Куршумлија, Рашка и Тутин, соопшти претходно Републичката изборна комисија на Србија (РИК). Одредени се вкупно 51 гласачко место и тоа за Косовскиот управен округ, управен одбор за Пеќ, управен одбор за Призрен, Косовско-митровски, односно Косовско-поморавски управен одбор.
Гласањето е организирано и во 35 земји, на 81 гласачко место. Тоа е најголем број гласачки места кои се отворени во странство од 2004 година од кога на припадниците на српската дијаспора им е овозможено да гласаат во странство. За гласање во странство се пријавиле околу 40.000 државјани на Република Србија.
На вонредните парламентарни избори околу 11.500 државјани на Србија кои престојуваат во Босна и Херцеговина ќе можат да гласаат на 19 гласачки места.
Републичката изборна комисија на Србија најдоцна до 96 часа по затворањето на гласачките места има законска должност да ги утврди конечните резултати од изборите. Првата проценка на изборните резултати граѓаните ќе имаат веќе еден час по затворањето на гласачките места.