Студентите на целодневна блокада на сообраќајна клучка во Белград

Студентите на целодневна блокада на сообраќајна клучка во Белград

Сообраќајот беше блокиран по улиците каде што минуваа студентските колони
Студентите на целодневна блокада на сообраќајна клучка во Белград / Photo: AA

Студентите во Србија денес ја блокираа Автокоманда, една од најголемите сообраќајни клучки во Белград.

Студентите најавија дека ќе ја блокираат Автокоманда 24 часа. На местото на блокадата се амбулантни возила, цистерна за вода, големи контејнери за ѓубре и мобилни тоалети, како што претходно соопшти српското Министерство за внатрешни работи.

Во Автокоманда студентите дојдоа во повеќе групи и од повеќе правци, а со студентите кои го блокираа Земјоделскиот факултет во Земун се и земјоделците со трактори кои во неделата пристигнаа од Панчево.

Сообраќајот беше блокиран по улиците каде што минуваа колоните со студенти.

По генералниот штрајк во петокот, на кој учестуваа голем број граѓани и компании, студентите за денеска најавија радикализација на протестот во вид на целодневна блокада на сообраќајната клучка Автокоманда.

Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека денеска поради студентските протести кај Автокоманда сообраќајот ќе биде пренасочен во период на 24-часовната блокада и ги повика организаторите да бидат одговорни, бидејќи, како што наведе, ова е тест за сите.

Студентите во Србија во моментов блокираат повеќе од 60 државни универзитети. Тие бараат објавување на целата документација за реновирањето на зградата на Железничката станица во Нови Сад, каде што во ноември минатата година се урна натстрешница, усмртувајќи 15 лица.

Иако властите во Србија претходно тврдеа дека е објавена целата документација за реновирањето на станицата, српскиот премиер Милош Вучевиќ во саботата најави дека в понеделник ќе бидат објавени нови документи на веб-страницата на Владата на Србија.

Претседателот Александар Вучиќ во саботата побара од Владата, инвеститорите, изведувачите и обвинителството да ги објават сите документи поврзани со Железничката станица во Нови Сад, за кои Градежниот факултет во соопштението наведе дека недостасуваат.

Во изминатите два месеци, колку што траат блокадите на универзитетите во Србија, студентите се редовна цел на вербално и физичко насилство.

Вишото јавно обвинителство во Белград започна истрага против 25-годишна жена која во петокот со својот автомобил влета меѓу демонстрантите во Нов Белград и притоа собори двајца студенти.

AA
Популарни