Вицепремиерот и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека припадниците на МВР целосно ќе ја обезбедат трасата на студентската прошетка / Photo: AA

Голем број студенти од Белград денес тргнаа пеш на протестен марш кон Нови Сад.

Студенти од белградските факултети околу 10:30 часот тргнаа кон Нови Сад за да им дадат поддршка на новосадските колеги во блокирањето на три моста во тој град, по повод одбележувањето три месеци од трагедијата на Железничката станица во Нови Сад, во која животот го загубија 15 лица.

Во текот на собирањето можеше да се чуе скандирањето „Сакаме правда“, а беа истакнати и транспаренти со кои се повикува власта да ги исполни студентските барања.

Српскиот министер за финансии Синиша Мали денеска изјави дека се обезбедени дополнителни 12,01 милијарди динари за високото образование и најави намалување на трошоците за студирање на студентите за околу 50 %.

Вицепремиерот и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека припадниците на МВР целосно ќе ја обезбедат трасата на студентската прошетка која започна пред Факултетот за драмски уметности во Белград, а ќе заврши утревечер пред Железничката станица во Нови Сад.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во средата помилува 13 лица против кои претходно беше подигната кривична постапка во врска со блокадите и протестите кои се одржуваат во Србија повеќе од два месеца.

Студентите кои ги иницираа блокадите и протестите по трагичниот настан во Нови Сад, покрај наведеното, бараат објавување на целата документација за реконструкцијата на Железничката станица, поднесување кривична пријава против напаѓачите на демонстрантите и зголемување на буџетот за образование за 20 %.

Претседателот на Србија во понеделникот во својот говор рече дека властите ќе ги исполнат сите четири барања на студентите.

Во меѓувреме оставка поднесе премиерот на Србија, Милош Вучевиќ.

TRT Balkan / агенции
Популарни