Судир на влезот на градското Собрание во Белград / Photo: AA

На вратата од зградата на Собранието на Белград утринава дошло до конфликт меѓу претставници на Иницијативата „Мостот останува“ и припадници на безбедносните сили.

Иницијативата „Мостот останува“, која се бори против уривањето на стариот Савски мост во Белград, ги повика граѓаните и советниците од опозицијата во девет часот да ја блокираат работата на градското Собрание на Белград, кое треба да одлучува за градскиот буџет за 2025 година.

Неколку лица влегле во зградата и настанало туркање, по што на влезот во зградата бил распореден полициски кордон.

Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, обвини 20-30 лица на чело со Ѓорѓе Микетиќ од Иницијативата „Мостот останува“ дека пред почетокот на седницата предизвикале инцидент на влезот на градското Собрание во Белград.

Припадниците на безбедносните сили носеле црни јакни со качулки, со натпис обезбедување, без никакви други ознаки, а Шапиќ рече дека се работи за обезбедување што, во согласност со законот, е ангажирано од Град Белград за обезбедување објекти, институции и настани.

Според неговите зборови, пред градското Собрание дошле 20-30 граѓани, кои ги предводел Микетиќ и фрлале боја.

AA
Популарни