Балканот е приоритет на политиката на Италија, која се залага овој регион да биде дел од Европската унија, изјави италијанскиот министер за надворешни работи и меѓународна соработка Антонио Тајани во Белград.
Тајани на средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ разговарал за регионални прашања, но и за внатрешната состојба во Србија и студентските протести.
Вучиќ оцени дека е исклучително важно што разговарале како Србија и регионот да се доближат до Европската унија.
„Отсекогаш сме имале поддршка од Италија и верувам дека ќе ја имаме и во иднина“, рече српскиот претседател, додавајќи дека е значајно што можат да развијат посебни партнерства и пријателства со Италија, како дел од новите геополитички односи.
„Малку земји во светот ќе имаат толку добри односи со новата американска администрација како Џорџија Мелони и каква што има италијанската влада. И во таа смисла, верувам дека за прашања специфични за нас можеме да имаме поддршка од италијанската влада, како што се санкциите против некои наши компании каде што е присутна руската мнозинска сопственост и за некои други важни стратешки прашања“, рече Вучиќ.
Тој потсети дека Србија беше домаќин на 350 италијански компании на бизнис форумот што се одржа претходно денеска и дека е горд на тој факт.
Тој додаде дека Италија отсекогаш стоела покрај Србија на нејзиниот европски пат и дека со Тајани имал многу добар билатерален разговор за сите важни прашања.
„Значи, од политичката, важноста за зачувување на мирот и стабилноста во целиот регион до анализата на ситуацијата на геополитичката сцена, до тоа како дополнително да ги подобриме нашите односи. Ги поддржуваме сите иницијативи на Италија“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека очекува трговијата со Италија да скокне значително и драстично оваа година. Тој истакна дека Италија во моментов е трет најголем трговски партнер на Србија.
„Очекуваме дополнително да се подобри нашата трговска размена, како и соработката во сите други области, особено во иновативните технологии, но и во дополнително привлекување италијански инвеститори. Сметаме дека присуството на сите важни италијански финансиски институции во Белград, кои имаат седиште за Западен Балкан, ќе придонесе за забрзан развој на Србија и создавање на подобра економска средина“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе продолжи да ја штити и зачувува стабилноста.
Тајани потврди дека односите меѓу Италија и Србија се многу добри и дека имаат добра економска и политичка соработка.
„Балканот е приоритет на нашата политика, да имаме стабилен регион и да го прошириме нашиот внатрешен пазар“, рече Тајани, потсетувајќи дека Србија е најголемата земја во регионот, со желба што поскоро да стане дел од ЕУ.
Тој најави средба во Рим за 10 февруари со еврокомесарката за проширување Марта Кос и шефицата на европската дипломатија Каја Калас, како и со министрите за надворешни работи на балканските земји.
„Ова ќе биде можност уште еднаш да кажеме колку јасно работиме овој регион да биде дел од Европа“, додаде Тајани.
Надворешната трговија на Србија со Италија надмина пет милијарди евра, а Србија сочинува една третина од трговската размена на Италија со Западен Балкан, рече Вучиќ на бизнис форумот одржан претходно.
Италијанските компании во Србија вработуваат 24.000 работници.
„Присуството на италијански компании во Србија не е само деловна и економска порака, туку е порака за пријателство кон земјата со која Италија е поврзана со векови“, рече Тајани на бизнис форумот што се одржа во Палатата Србија.
Тајани најави дека Италија ќе учествува на изложбата Експо 2027 во Белград.