Таравари: Од 16 септември девет нови лекови на позитивна листа

Деветте нови лекови на позитивната листа пациентите во аптеките ќе можат бесплатно да ги земаат од 16 септември – потврди денеска министерот за здравство на Република Северна Македонија, Арбен Таравари.

„Токму така, позитивната листа веќе од 16 септември пациентите можат тие девет нови лекови да ги земаат во аптека бесплатно. Значи, влегува во сила од понеделник.Ние подготвуваме платформа заедно со СЗО која што ќе обезбеди транспарентност на целиот процес при идното проширување на лековите. Исто така, препораки ќе имаме од СЗО, меѓутоа и од експертите внатре во државата. Ние би сакале сето тоа проширување на позитивната листа да биде што потранспарентно и што посеопфатна, тоа што најмногу им треба на граѓаните со што би ги намалиле, што помалку трошоците на нашите пациенти и граѓани – вели Таравари.

Тој истакна дека не може да вети дека во наредниот период на оваа позитивна листа ќе се најдат уште 10 лекови, но како што вели, гарантира оти на секои три-четири месеци ќе има надополнување од плус еден, два или три лека.

„Видете, ова е револуција на проблеми коишто 10 години не се решени. Последната позитивна листа е 2009 година, 2014 година само еден лек е надополнет и сега имаме девет лекови за 50 дена. Јас се надевам дека одма после Нова година ќе имаме проширување на листата. Велам многу сум среќен што наши партнери се претставниците од СЗО, ќе се обидеме да се придржуваме на платформата и на препораките што ни ги даваат“, рече Таравари.

Тој ги повикува сите заинтересирани фармацевтски фирми, производители да конкурираат и да бидат активни, да им сугерираат за да како министерство и Влада бидат што потранспарентни и резултатот да биде што подобар за сите граѓани во државата.

TRT Balkan / агенции
Популарни