Луѓето во денешно време , во просек, живеат далеку повеќе отколку пред почетокот на 20-тиот век. Статистиката покажува дека очекуваниот животен век на луѓето, во текот на минатиот век, е повеќе од двојно зголемен ширум светот. Ова најмногу се должи на иновациите и откритијата во различни медицински области, подобрување на санитарните услови, вакцините и превентивната здравствена заштита.
Сепак, иако просечниот животен век за луѓето значително се зголеми на глобално ниво, сè уште постои забележителен јаз во просечниот животен век помеѓу различни земји.
По повод Светскиот ден на детето на 20 ноември 2022 година, Еуростат ги истакна податоците за очекуваниот животен век при раѓање, што е просечниот број на години што се очекува да ги живее новороденчето врз основа на тековните стапки на смртност кај луѓето од сите возрасти.
Во 2020 година, очекуваниот животен век на женско новороденче во ЕУ беше 83,2 години, 5,7 години повисок од машкото новороденче (77,5 години). Податоците покажуваат дека очекуваниот животен век е поголем кај жените отколку кај мажите во секој поединечен регион на ЕУ.
Во 2020 година, највисоките нивоа на очекуваниот животен век при раѓање за жените беа во францускиот островски регион Корс (87 години). Поопшто, се очекува најдолго да живеат новородените девојчиња во шпанскиот, францускиот и италијанскиот регион.
Од друга страна, според податоците на Светската банка, разликите во просечниот животен век од земја во земја може делумно да биде поврзано со износот на пари што една земја го троши за здравствена заштита, или во превод колку земјите вложуваат во развојот на здравствениот сектор во една земја.
Статистиката на Светска Банка покажува дека колку се поголеми вложувањата во здравството, толку е поголем и животниот век на луѓето во една земја.
Најновите достапни податоци од Светска банка ги вклучуваат и трошоците за здравствена заштита по глава на жител на 178 различни земји и нивниот просечен животен век.
Можеби не е изненадувачки, анализата покажа дека земјите кои трошеле повеќе за здравствена заштита имаат тенденција да имаат повисок просечен животен век сè додека не ја достигнат границата од 80 години.
ТРТ Балкан направи анализа на најдобро рангираните земји, но и на тоа колку трошат земјите од Балканот и колкав е просечниот животен век во регионот.
Земји што најмногу вложуваат во здравството
Соединетите Американски Држави (САД) најмногу вложуваат во здравството, но немаат најголем животен век. По глава на жител во САД се одвојуваат 10.921 долар за здравствена заштита, а животниот век е 77 години во просек. Швајцарија вложува по 9.666 долари, а животниот век е 83 години. Ист просечен животен век имаат и Норвешка (8.007 долари) и Исланд (6.275 долари). Петта на листата е Луксембург со 6.221 долар по глава на жител како здравствен трошок, а 82 години е очекуваниот животен век.
Најниски трошоци по глава на жител за здравство има во Мадагаскар, Конго, Бурунди, Јужен Судан и Еритреа каде се вложува од 20 до 25 долари по глава на жител.
Држави со највисок просечен животен век
Јапонците со децении важат за луѓе кои имаат долг животен век и каде има најмногу стогодишници. Јапонија е единствената земја во светот, според податоците на Светска Банка, каде просечниот животен век е 85 години, а вложувањето во здравството е повеќе од два пати помало од она на САД и изнесува 4.360 долари.
Следи Сингапур каде просечниот животен век е 84 години, а вложувањето е 2.633 долари по глава на жител. Во Малта, Јужна Кореја и Израел, граѓаните имаат просечен животен век од 83 години.
Најмал животен век од само 55 години имаат Чад, Сиера Леоне, Нигерија и Лесото, а следат Јужен Судан и Брегот на Слоновата коска со просечен животен век од 58 години.
Како е на Балканот?
Највисок животен век од земјите од Западен Балкан има Албанија од 78,6 години просечно. Во Албанија, според Светска Банка, се вложуваат по 274 долари по глава на жител во здравствена заштита.
Просечниот животен век во Босна и Херцеговина и во Хрватска е 78 години. Во БиХ се вложува по 554 долари по глава на жител во здравствена заштита, а во Хрватска двојно-1040 долари. Највисок животен век од земјите од поранешна Југославија има во Словенија-81 година. Словенија вложува 2.219 долари по глава на жител во здравствена заштита.
Просечниот животен век во Северна Македонија е 76 години, а вложувањето во здравствена заштита е 437 долари по глава на жител. Црна Гора има просечен животен век од 76 години, а вложувањето во здравствениот сектор по глава на жител е поголемо и изнесува 735 долари.
Помал е животниот век во Србија иако вложувањето во здравството е поголемо. Па така просечниот животен век во Србија е 74 години, а вложувањето во здравството е 641 долар по жител.
Косово, според податоците на Светска Банка, има просечен животен век на населението од 71 година. Нема податоци за вложувањето во здравството.