Температури од портокалова фаза: Кои се мерките за заштита? / Photo: AA Archive

Република Северна Македонија деновиве е зафатена од топлотен бран со температури и над 40 степени Целзиусови, со УВ индекс 10. Особено топло, според прогнозата на Управата за хидро-метеоролошки работи (УХМР), ќе биде денес и утре кога ќе биде активно портокалово ниво на опасност од високи температури.

Министерството за труд и социјална политика на Северна Македонија соопшти дека целата територија на државата ќе биде зафатена со температури од портокалова (алертна) фаза и затоа се воведуваат мерки со времетраење од четири дена, почнувајќи од денес. Министерството преку соопштение ги повика работодавците, негувателите и воспитувачите во градинките, вработените во центрите за социјална работа, во Црвениот крст да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство за заштита на здравјето и превенирање на последиците од топлотните бранови што следуваат, во согласност со Акцискиот план на Министерство за здравство за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението.

Кои се мерките за заштита на населението?

„Целата територија на нашата држава ќе биде зафатена со температури од портокалова (алертна) фаза и затоа се воведуваат мерки со времетраење од четири дена, почнувајќи од : 13, 14, 15 и 16 јули 2023 година (четврток, петок, сабота и недела)“, се нагласува во соопштението.

Според Министерството, општите мерки што треба да се почитуваат се следниве:

„Ослободување од работните обврски на најранливите групи население, како што се бремените жени и лицата на возраст над 60 години; во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот; единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да им даваат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.“

Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Истовремено, Министерството за труд и социјална политика апелира на зголемени контроли од страна на надлежниот Државен инспекторат за труд.

Што советуваат лекарите?

Лекарите препорачуваат да се избегнува излегување надвор во периодот од 10 до 17 часот, неопходните работи граѓаните да ги завршуваат пред 10 или по 17 часот.

Во најтоплиот период од денот да се избегнуваат напорни физички активности, вклучувајќи спорт и рекреативни активности, да се седи во затворени климатизирани простории. Прозорците да се отвараат навечер кога температурата е пониска.

Лекарите советуваат при неопходен престој на отворен простор, да се избегнува директна изложеност на сонце, со почести одмори под сенка. Кога е во прашање облеката, препораките се да се носи светла и лесна облека, најчесто од природни такенини, да се стават заштитни очила и капа.

Меѓу другото, препорачливо е внесување големо количество течности, најдобро вода, може и минерализирани безалкохолни пијалоци, а да се избегнува консумација алкохолни и пијалоци што содржат кофеин, како и екстремно студени пијалоци.

Препорачано е да се внесува помало количество храна, таа да не биде мрсна и високо-калорична храна, да се избегнува и храна што содржи поголемо количество шеќер.

Добро е туширање со студена вода повеќе пати во денот, може и ставање студени облоги и држење на нозете во студена вода.

TRT Balkan
Популарни