Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) отвори сензорна соба во Основното училиште „Киро Глигоров“ во центарот на Скопје.
На оваа церемонија присуствуваа потпретседателот на ТИКА, Махмут Чевик, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, координаторот на ТИКА во Скопје, Мехмет Бајрам, и претставниците и наставниците од ова училиште.
Чевик во изјава за медиумите потсети дека ТИКА во Северна Македонија функционира веќе 19 години, нагласувајќи дека во овие рамки реализирале околу 1.200 проекти.
Тој рече дека има многу големо значење што ТИКА за прв пат отворила сензорна соба во Северна Македонија, што според него е еден од најзначајните проекти што ги реализирале.
Истакнувајќи дека тие како ТИКА му придаваат предност на образованието, Чевик додаде: „Затоа 360 од 1.200 проекти што ги реализиравме во Северна Македонија се во областа на образованието, додека 60 проекти се особено изградба и реставрација на училишта.“
„Ова е соба која ќе придонесе нашите хиперактивни деца, нашите ранливи деца да се доведат на ниво на кое ќе одговорат на лекувањето. Ова е важен проект и за нашите деца кои особено имаат потреба од лекување во ова училиште, и затоа што претставува пример во Скопје“, додаде тој.
Чевик исто така даде информации и за слични проекти што ТИКА ги реализирала во земјите од регионот.
Градоначалникот на Општина Центар, Герасимовски, рече дека инвестирањето во раниот детски развој е од исклучително значење за децата, и дека вклучувањето на овие ученици во редовната настава е дел од образовната стратегија и сензорната соба е само уште еден мал чекор кон исполнување на главната цел, а тоа е нивната целосна инклузија.
Герасимовски нагласи дека предноста на оваа соба е што може да ја користат деца кои немаат вербална комуникација, но исто така се користи во ситуации за намалување на вознемиреност, во развојни потешкотии и слични проблеми.
„Сензорната соба е наменета за околу 20-ина ученици од ОУ 'Киро Глигоров', истата ќе биде во функција додека се изведува воспитно-образовната настава. Верувам дека алатките коишто се на располагање во сензорната соба ќе придонесат за полесно совладување на наставниот материјал, како и мотивација децата да учат и да истражуваат, но и да го намалат стресот и да ја зголемат нивната концентрација“, истакна тој.
„Општината прави големи напори да обезбеди сензорни соби во сите наши основни училишта. Во моментов веќе функционираат сензорните соби во училиштата Гоце Делчев, Песталоци, Кирил и Методи, Кочо Рацин, 11 Октомври и од денеска сензорната соба во нашето училиште Киро Глигоров, која ја отвораме благодарение на пријателите од Туркије, односно ТИКА“, рече Герасимовски.
По изјавите, директорката на Основното училиште „Киро Глигоров“, Билјана Билбиловска, му даде признание на Чевик.