Двајцата министри се сложија дека унапредувањето на соработката ќе продолжи и во следниот период / Photo: МВР НА РСМ

Соработката меѓу полициските агенции на Северна Македонија и Босна и Херцеговина (БиХ) е одлична и се очекува таа да биде уште подобра во наредниот период. Ова го соопштија министрите Панче Тошковски и Ненад Нешиќ на заедничката прес-конференција во Скопје.

Министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ, заедно со придружна делегација, престојува во работна посета во главниот град на Северна Македонија, каде што со свечена церемонија беше пречекан од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

По состаноците министрите одржаа заедничка прес-конференција на која изразија задоволство од досегашната соработка.

Министерот Тошковски изјави дека на состанокот се разговарало за прашања што се од интерес на двете држави, потребните реформи и чекори за приближување кон европското семејство.

Констатирано е, истакна тој, дека соработката е на одлично ниво и дава одлични резултати.

„Разговаравме, исто така, за теми што се од интерес на двете држави, како држави каде што има транзит на нелегални мигранти. Разговаравме за теми поврзани со создавање, на наша иницијатива, на еден регионален центар за обука што е инициран од наша страна и регионални конференции на сите центри за обука во земјите од Балканот. Се надеваме дека ќе успееме во иднина да иницираме еден таков тип регионална соработка“, рече Тошковски.

Министерот Нешиќ потсети дека уште од времето на техничката влада во Северна Македонија бил во контакт со министерот Тошковски.

Во својата изјава тој нагласи дека е разговарано за сѐ што претстава проблем за безбедноста на БиХ и Северна Македонија, како што е нелегалната миграција.

„Криминалот, корупцијата, сѐ што ги загрозува безбедноста на граѓаните, безбедноста на имотот или државата на кој било друг начин, без оглед дали станува збор за Северна Македонија или БиХ, ќе бидат санкционирани и нема да бидат заштитени“, порача Нешиќ.

Тој најави дека на почетокот на наредната година министерот за внатрешни работи на Северна Македонија ќе ја посети БиХ, при што би се потпишал Протокол за соработка во областа на форензиката.

TRT Balkan / агенции
Популарни