Граѓаните кои сè уште не ги смениле личните карти со името Република Македонија во новото уставно име Република Северна Македонија, уште можат да ги користат до важечкиот датум на документот, кажа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Министерот го посети Полициското одделение Групчин, општина Желино при што отвори нова канцеларија на Управните служби на МВР.
Тој истакна дека голем број лични документи се сменети со новото уставно име, но побара од полицајците само да ги опоменуваат оние кои тоа не го направиле досега.
Според Тошковски, граѓаните не треба да трпат штета поради погрешните политики на претходната власт.
Со личните карти ќе може и да се напушти државата во оние земји со кои имаме билатерални договори, а исто така и ќе може да се влезе во Македонија.
Засега, задолжително е пасошите и возачките дозволи да се со уставното име.
„Личните карти важат согласно важечки втиснат датум во нив. Значи, истите нема потреба да се менуваат доколку има рок на важење на личната карта кој што е ефективен. За личните карти не важи правилото кое што важи за возачките дозволи и за пасошите. А во однос на возачките дозволи, упатувам апел до сите полициски службеници да ги применат законските одредби кои што се однесуваат на опомена и укажување на сите оние кои што, да речеме еве во овој адаптибилен период, сè уште ќе бидат затекнати со возачко дозвола која што има важност во делот на рокот, но не е согласно одредбите од законот. Предметна лична карта која што во моментов е важечка може да стане неупотреблива само доколку тоа го констатира државата согласно закон или друг акт. Таков акт Македонија нема моментално“, изјави Тошковски.
Тошковски за проектот „Безбеден град“ повтори дека останува приоритет на МВР и дека освен во Скопје, Куманово и Тетово, проектот ќе се профунционира на територијата на цела Македонија во текот на годинава, а за таа цел веќе се изготвува нов предлог закон .