Турскиот министер за трговија Болат пречекан од премиерот Мицкоски / Photo: AA

Министерот за трговија на Туркије, Омер Болат, кој престојува во посета на Северна Македонија, беше примен од премиерот Христијан Мицкоски.

Министерот Болат, кој денес престојува во Скопје за да учествува на Бизнис-форумот Туркије-Северна Македонија и на официјални средби, оствари средба со Мицкоски во зградата на Владата.

На средбата Болат и Мицкоски беа придружувани од министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

„За време на нашата средба разговаравме за инвестициите на турските компании во Северна Македонија и нивната желба да учествуваат во нови проекти, наша цел е да го зголемиме обемот на билатералната трговија и чекорите што дополнително ќе ги зајакнат врските меѓу нашите општества“, напиша по средбата во објавата на својот профил на социјалната мрежа Х турскиот министер Болат.

Тој рече дека на денешната средба со турските градежни компании, на која ќе присуствува и премиерот Мицкоски, ќе се разговара за сите аспекти на соработката во инфраструктурните проекти во Северна Македонија.

„Како Туркије продолжуваме сеопфатно да ги развиваме нашите односи, особено во одбранбената индустрија, безбедноста, трговијата и туризмот, давајќи големо значење на стабилноста на Северна Македонија“, рече тој.

Болат се сретна со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши

Во рамките на посетата на земјава министерот Болат потоа се сретна и со министерот за економија и труд на Северна Македонија, Бесар Дурмиши, во зградата на Министерството.

Болат е придружуван од делегација и амбасадорот на Туркије во Скопје, Фатих Улусој.

Претходно Болат се сретна со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски.

AA
Популарни