Акцијата под кодно име „Премин“ била изведена по повеќемесечна предистражна постапка по доставена пријава од граѓанин / Photo: Царинска управа на РСМ

Полицијата уапсила 15 цариници и еден полицаец осомничени дека земале мито од превозници на стоки на граничните премини Ново Село и Дојран, соопшти МВР.

Акцијата под кодно име „Премин“ била изведена вчера во попладневните и вечерните часови од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, под раководство на предметен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.

„Акцијата е резултат на повеќемесечна предистражна постапка по доставена пријава од граѓанин против три лица. Беа извршени претреси на 26 локации во Струмичко-гевгелискиот регион и притоа се лишени од слобода 14 царински службеници од Царинската управа на РСМ, еден пензиониран царински службеник и еден полициски службеник. При претресите се пронајдени парични средства што биле примени како поткуп, во вкупен износ од 50.000 евра“, соопштија од МВР.

Според МВР, 13 од осомничените лица како вработени во Царинската управа, а распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран се товарат за кривично дело Примање поткуп по член 357 став 1 од КЗ, додека две лица се пријавени за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување по член 353 од КЗ.

Осомничените со умисла повеќе пати ги извршиле кривичните дела од 21.03.2023 година до вчера - 15.10.2024 година.

„Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што би морало да го извршат. Откако ќе го примеле поткупот, што потоа го делеле меѓу себе, осомничените не ја вршеле својата службена должност и не правеле пресметка и наплата на увозните давачки, согласно Законот за царинската управа, Уредбата за спроведување на царинскиот закон и Законот за царинската тарифа, велат од МВР.

Според полицијата, осомничените увезената стока ја пуштале во слободен промет, со намера за себе и превозниците да прибават имотна корист, а на штета на средствата на Буџетот на РСМ во висина од ненаплатените царински увозни давачки.

Согласно КЗ за кривичното дело Примање поткуп запретената казна е од четири до десет години затвор, додека за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување е предвидена казна затвор од шест месеци до три години.

TRT Balkan / агенции
Популарни