Уништена граната од Првата светска војна пронајдена во центарот на Белград / Photo: AA

Припадниците на Одделот за вонредни состојби на Министерството за внатрешни работи на Србија безбедно ја дислоцираа и во Делиблатското Песочиште уништија артилериска граната останата од Првата светска војна, која беше пронајдена на 19 септември при градежни работи на улицата „Влајковиќ“, во Белград.

Потпретседателот на Владата на Република Србија и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека гранатата, тешка повеќе од 280 килограми, била пронајдена при изградба на подземна гаража на длабочина од осум метри.

„Инаку, многу од овие експлозивни направи се наоѓаат низ цела Србија, специфичноста на оваа е што таа се наоѓала токму во центарот на Белград, веднаш до Народното собрание, каде што поминуваат луѓе, каде се одвива живот, во близина на станбени и деловни објекти“, рече Дачиќ и нагласи дека специјалистичката екипа на Секторот за вонредни состојби веднаш ја анализирала состојбата и со сите мерки на претпазливост обезбедила зона од 200 метри за да може да се отстрани гранатата.

Според Дачиќ, припадниците на Одделот за вонредни ситуации од почетокот на оваа година безбедно отстраниле и уништиле шест големи авио-бомби, од кои две тежеле повеќе од еден тон.

Во акцијата спроведена во улицата „Влајковиќ“ учествувале околу 130 припадници на Министерството за внатрешни работи - Одделот за вонредни состојби, Полициската управа на град Белград, Управата за сообраќајна полиција, како и припадници на Одделението за итна медицинска помош и останати надлежни служби.

AA
Популарни